Замрзнувањето на Предлогот за измени на Законот за нотаријат го изнесе на виделина проблемот познат во јавноста како платен налог, кој се влече уште од времето на Југославија. Напорите на државата да најде ефикасно решение кое ќе го реши овој проблем засега се неуспешни.
Платен налог е наредба на судот или на нотарот упатена до должникот да плати долг или да приговори во законскиот рок. Доверителот таквото свое побарување го заснова на така наречената веродостојна исправа (најчесто тоа е фактурата). Во праксата најбројни подносители на вакви предлози се јавните претпријатија или друштва кои вршат јавни овластувања од комунално–технички карактер.
Во минатото овој вид на судски предмети беше начестата причина поради која судовите покажуваа хронична неажурност. Проблемот произлегуваше од огромниот број на ненаплатени побарувања.
Специфичноста на платниот налог како процесно-правен инструмент за наплата на паричен долг е во тоа што во случај ако должникот приговори, истиот се претвора во тужба.
Судската пракса покажа дека се ретки случаите каде должникот не приговорил и затоа предлогот добил судски епилог.
Од ваквата судска пракса нашето општество барем засега не извлече добар заклучок со кој ќе се обиде да го реши проблемот на друг поефикасен начин. И денес се инсистира на решенија кои не даваат резултати.Со инволвирањето на нотарите во решавањето на проблемот стана поголем, односно поскап.
Единствена корист од ова законско решение извлекоа една мала група на привилегирани адвокати и нотари.Нивните имиња се познати на јавноста.
На тој начин платниот налог се претвори во ефикасна алатка на оваа привилегирана група која преку злоупотреба на правото на доверителот оствари голема печалба. Нема подобар пример за ова од документот кој се појави на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук, каде нотар од Скопје донел Решение (УПДР БР.1985/2016 од 29.09.2016) за присилна наплата на долг од 1,00 денар од должник- пензионер, по барање на Друштвото БЕГ ДООЕЛ Скопје, преку позната адвокатска канцеларија од Скопје. Врз основа на ова решение, извршител од Скопје донел налог (И. Бр.1718/2018 ) присилно да се наплати побарувањето од еден денар кој со трошоците за адвокат, нотар и извршител достигнале до 12.499,00 денари.
Значи, за долг од 1,00 денар кон БАЛКАН ЕНЕРЏИ ГРУП овој пензионер треба од пензијата да плати 200 евра. Од оваа сума, доверителот ќе добие 700 денари на име камата, а остатокот од 11.799 им припаѓа на адвокатското друштво, нотарот и извршителот.
Според Законот за облигационите односи забранета е злоупотреба на правото ( чл. 6).
Правото на доверителот да си го наплати тој 1,00 денар од должникот можело многу полесно и побрзо да го стори со внесување на долгот од 1,00 денар во наредната месечна сметка како заостанат долг. Наместо тоа доверителот ангажирал адвокат, нотар и извршител што укажува на злоупотребата на ова право од страна на доверителот. Целта на ваквиот начин на реализација на правото на доверителот не е да ја надомести ненаплатената услуга од 1,00 денар, туку да им овозможи на ангажираниот адвокат, и нотар и извршител да дојдат до добивка.
Дека државата нема идеја како да се справи со проблемот наречен платен налог зборуваат непринципиелните решенија кои денес функционираат, а се во духот на фаворизирање на нотаријатот. Еве само два примера.
Нотарите имаат поголеми овластувања од судот
Според законот, ако сте доверител може да барате издавање на налог од страна на суд само ако вашето парично побарување е до 180.000,00 денари. Ваквото ограничување на висината на побарувањето не важи ако тоа го поднесете пред нотар. Значи, нотарот има поголеми овластувања од судот!
Ако поднесете тужба со предлог за донесување на судски платен налог таксата ќе ви биде половина од судската таксена тарифа. А, ако поднесете таков предлог до нотар, покрај судската такса, ќе треба да платите и нотарска награда, иако побарувањето сѐ уште не е наплатено.
Бидејќи висината на вредноста на побарувањето за издавање на платен налог пред нотар не е лимитирана, според нотарската тарифа, наградата може да изнесува до 18.000,00 денари. А издавањето на платен налог пред нотар не го забрзува решавањето на предметот туку, како да има за цел само нотарот, за оваа рутинска работа, да си наплати награда.
Затоа треба да се бараат нови процесно–правни решенија во кои платниот налог, како слепо црево во процесниот организам на судството и нотаријатот, треба да се отстрани.
Адвокат и поранешен судија Раде Јовчевски