Се надминуваат проблемите во Македонија. Самите себе. Секоја работа почнува со „нема проблем“ за набрзо да се претвори токму во тоа и да заврши како голем и, најчесто, на крајот како нерешлив проблем. Пензионерот, кој му останал должен на БЕГ само еден (1) денар, сигурно во прв момент си помислил дека тука нема никаков проблем. Дури ни мал. Или, ако веќе го има, лесно ќе се реши. Сега, кога го добил налогот од извршителите за наплата од 12.439 денари, веројатно сфатил дека за вакво логично, а во суштина наивно, аматерско потценување на проблемот, се плаќа превисока цена. Дека системот, планиран да ги решава, само ги зголемува проблемите на луѓето. И извршителите биле измислени за да се наплатат долговите од неплаќачите. Значи, сè е тука, само решението го нема.
Дека невработеноста е најголем проблем на оваа земја се сложуваат сите, без разлика. Едноставно, тешко е да се најде работа. Особено за вработените. Владата, наместо да отвора нови работни места, им бара работа на 1.600 вработени според Рамковниот договор. Биле примени за да се реши проблемот со (не)правичната застапеност на малцинствата во администрацијата. И не се решил, зашто единственото место каде што биле застапени било – дома. Не се знае точно ни колку време биле вработени, ни што работеле дома, ни колкава плата земале. Но, тоа не е проблем. Сега Владата тврди дека за 958 вработени нашла работа. „Мислам дека доста одмораа, време е да се посветат на работата“, рече вицепремиерот Хазби Лика. Ако им нашле работа на шалтерите, тогаш добивањето и на најмалата услуга може да стане голем проблем за граѓаните. Тоа е. Проблемите – и најмалите – во Македонија се така поставени за да бидат нерешливи.
„Слободен печат“