Електронскиот регистар на население што ќе биде функционален од крајот на годинава воопшто не треба да се поистоветува со попис, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Во регистарот, како што појаснува, ќе бидат само дваесетина најосновни информации: име, презиме, матичен број, пол, ….
– Попис е друго. Тоа е сосема друга статистичка организација – рече Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на новоформираната Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Според министерот Манчевски, електронскиот регистар на население ќе биде основната и со тек на време единствената база на податоци за граѓаните.
– Од таму сите институции ќе ги влечат основните информации за граѓаните, но исто така, покрај нив, сакаме да дозволиме, како што има различни примери во светот, на пример и банките да можат да ги користат информациите од регистерот на населението и оние кои имаат друг тип на бизнис, нормално со одредено ниво на безбедност и на авторизација, што треба да го гарантираме и законски ќе го поддржиме – рече Манчевски.
Од крајот на оваа година регистерот ќе биде функционален и според најавата секој граѓанин ќе може да си го активира својот електронски идентитет со кој што ќе може многу полесно да врши плаќања.