Иако казната за возење и ракување со мобилен телефон изнесува 40 евра, граѓаните не сакаат да се одделат од своите телефони. Поради секунда невнимание и штракање на телефонот, може да дојде до сообраќајна несреќа со ужасни последици.
– За првите три месеци годинава, Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при СВР Скопје, има преземено 932 мерки кон возачи кои корисат мобилен телефон за време на управување патничко моторно возило – рекоа од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо.
Граѓани кои занесено гледаат во малите екрани може да се видат насекаде. Додека се чека ред на семафор, на паркинг, додека се оди кон возилото или се излегува од него, но и при возење во сообраќајниот метеж.
Во текот на 2017 година, од МВР велат оти регистрирани биле вкупно 608 прекршоци за зборување на мобилен телефон, во 2016 година регистрирани биле 712 прекршоци, а во 2015 година – 1.470 прекршоци.
Лани, само од април до октомври биле казнети 2.320 граѓани во Скопје и околината поради тоа што зборувале на мобилен телефон додека возеле.