Четирите лидери на партиите на Ромите во земјава за прв пат се заедно, обединети за една идеја, сите заедно даваат поддршка на оваа опција и на бројот 3 на претседателските избори, рече Стево Пендаровски, заедничкиот кандидат на граѓаните и на 30 политички партии на трибина во Шуто Оризари.
– Да ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите. Јасно и гласно ќе кажам, политичарите не смеат да говорат за ромските права само на Денот на Ромите. Треба секој ден да водиме грижа за правата и подобар живот на Ромите, на помалите етнички заедници, на сите граѓани – рече Пендаровски.
Пендаровски посочи дека пред две години, дојде една нова генерација политичари, меѓу кои е и тој, кои не се оптоварени со вера и разлики. Најважна вера, рече, ни е иднината на Република Северна Македонија.
– Во јуни, доколку се продолжи со реформското темпо, очекуваме датум за почеток на преговори. Ова ќе значи прогрес, напредок, подобар живот, нови работни места и заедно да чекориме по патот кон кој тргнавме – додаде Пендаровски.