Собранието ја информира јавноста дека во рамки на склучениот договор од 25 септември 2013 година, со Друштвото за градежништво БЕТОН АД Скопје, согласно кој набавувачот треба да набави мебел и останата опрема за новоизградените и реконструираните простории, опремена е и собраниската теретана со вкупна вредност од 1.096.383 денари.
Теретаната е во функција од 10 јули 2014 година и има едногодишна гаранција, според договорот. Како што денеска соопшти собраниската прес-служба, оттогаш не е одржувана и тендерот од 29.3.2019 е прва јавна набавка за сервисирање и оддржување.
– Собранието е должно, бидејќи се работи за опрема, која веќе претходно е набавена, да не дозволи да пропадне, за што е неопходно одржување и сервисирање. Јавната набавка е во Годишниот план и е во висина до 300.000 денари. Договорот кој ќе се склучи е сукцесивен и вклучува по потреба подмачкување на апаратите и доколку се расипат замена на резервните делови. Ова значи дека 300.000 се максималната сума, но доколку нема потреба од замена на делови, сите пари нема да бидат потрошени – се појаснува во соопштението.
Инаку, поставени се трака за трчање, орбитрек, степер, статичен велосипед, машина за веслање, крос машина, пек дек машина, лег курл машина, хип хоп машина, пул ап дип машина, абдоминална клупа, универзална клупа, скотова клупа, долги олимписки шипки, сталак за плочи, тегови смит машина, плочи и лет машина.
Од собраниската прес-служба, меѓу другото информираат дека со упатство за користење на фитнес салата е предвидено работно време од 09 до 20 секој работен ден и во сабота од 10 до 14 часот. Салата можат да ја користат пратениците секој ден и вработените во Службата на Собранието во вторник, четврток и петок од 16.30 по завршување на работното време до 19:30. Во деновите кога се одржуваат пленарни седници, се подвлекува во соопштението, фитнес салата се користи по завршување на седницата.