Ќе се договорат за сѐ, само за истрагите на СЈО не

Нова средба требало да се одржи денеска, од Министерството за правда го повикале преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, предводен од адвокатот Тони Менкиновски, но тој побарал одложување.

891

Дали воопшто има и за кои конкретни прашања е постигнат напредок помеѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и власта во врска со Законот за јавно обвинителство со кој се решава судбината на СЈО, за јавноста останува нејасно. Изјави дека има напредок доаѓаа и од првиот човек на Илинденска, Зоран Заев, но исто така имаше и препукувања помеѓу двата табора.

Нова средба требало да се одржи денеска, од Министерството за правда го повикале преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, предводен од адвокатот Тони Менкиновски, но тој побарал одложување.

– Беше повикан за денеска, но бидејќи сѐ уште не изградиле партиски став за одредени прашања побара одложување на состанокот – велат од Правда, додавајќи дека не е утврден датум за презакажаната средба.

Официјални информации дали има доближување на ставовите нема, но сигналите се дека има поместување за одредени прашања. За власта се вредни за разгледување амандманите на ВМРО-ДПМНЕ кои се однесуваат на етиката и транспарентноста во обвинителската работа и најверојатно околу тоа ќе се постигне договор.

Оптимизам има и за тоа дека двете страни би можеле да се пронајдат на иста фреквенција и за статусот на СЈО. Почетните ставови за ова прашање на власта се тоа да биде посебно обвинителство во рамки на обвинителскиот систем во Северна Македонија кое ќе има посебен буџет и поголема автономија, додека опозицијата е на тоа СЈО да биде само оддел во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Третото прашање, што да се случи со истрагите отворени по истекот на 18 месеци, ќе биде најтешко за постигнување договор и за него засега, според партиски информации, нема никакви најави за компромис. Дека тоа е најголема сопка, по последната средба изјави и министерката за правда Рената Дескоска.

Власта предлага „бомбите“ во тие случаи да не бидат доказ туку само индиции, а истрагите да си продолжат, а ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара тие да запрат и да пропаднат сите докази кои би се користеле исто како и аудио-материјалите – само како индиции, па обвинителите одново да ги почнуваат истрагите и да собираат докази.

Токму со ова, обвинуваат од власта, се бара индиректна амнестија на криминалот, како и дека инструкциите за амандманите дошле од Будимпешта. Оттаму се децидни дека нема попуштање за статусот на СЈО и истрагите, бидејќи тоа го барала и меѓународната заедница. Од другиот табор, пак, го вперија прстот кон Дескоска за лошо менаџирање нагласувајќи дека не требало да се чека толку време за Министерството за правда да го предложи новиот Закон. Имаше изјави и дека намерно е оставен краток период за тоа да биде алиби ако не се добие датум за преговори.

Иако досега никој во преговорите не ги споменува Катица Јанева и нејзиниот тим, сепак, партиски извори брифираат и оти опозицијата ќе се инсистира и на смена на шефицата.

Последната официјална изјава за преговорите во петокот ја даде и премиерот Зоран Заев кој посочи дека останува многу кус рок да се постигне консензус, но се надева дека ќе се донесе Законот и ќе биде дел од извештајот на Европскиот Парламент (ЕП).

– Помалите опозициски партии како што е Алијансата за Албанците и Беса ги дадоа своите инструкции и дадоа простор да се постигне договор прво со најголемата опозициска партија. Осумте пратеници кои се во новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата исто така дадоа свои правци и инструкции, но дадоа простор прво со најголемата опозициска партија. Верувам дека во многу брзо време тоа ќе вроди со плод, и верувам ќе се изнајдат начини тоа да се донесе навремено, за да биде составен дел на извештајот, што се објавува по завршување на изборите за ЕП, но се пишува во почетокот на мај – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...