Со меѓународно спонзорираниот симултан пораз на македонскиот и на грчкиот национализам, создадени беа услови да се затвори раната помеѓу двете држави која се закануваше да загнои и да го инфицира целото тело на Балканот. Во внатрешната дебата, конечно, слабата либерална струја која се залага за компромис се здоби со статус рамноправен со оној на националистите.
За жал, не благодарејќи на нараснатата свест кај населението или кај политичарите, туку како последица на тоа што македонската националистичка визија за поделената татковина, држава која што сме ја немале, а била поделена од соседите, се искрши на парампарчиња од реалноста. Но, игнорирајќи ја таа реалност, тука се националистите да продолжат да му зборуваат на народот она што тој го слуша барем едно столетие наназад: за новите неправди кои му се нанесени. За такви приказни, публика секогаш има. Затоа, да не нѐ чуди текот на претседателската дебата. Македонските националисти не можеа да најдат подобар репрезент од професорка по право која упорно зборува за неправдата во меѓународните односи која ѝ е сторена на Македонија. Тоа го прави, без оглед што таквата позиција е спротивна на целото историско искуство на човештвото, кое покажува дека меѓународните односи се поприлично нечувствителни кон правдата, и даваат предност на стабилноста, редот и предвидливоста.
Размислувам: кога навистина би ги разбирале работите такви какви што навистина се во реалноста, македонските националисти би сфатиле дека она за што протестираат, име, јазик, идентитет, е ништо во однос на она што навистина се случи со државата во реалните меѓународни односи. Имено, нашата држава, заглавена со децении во својот национализам, не успевајќи да се приклучи кон модерниот свет стана failed state и captured state, најстрашните квалификативи за една европска држава. Ќе бидам брутално вистинит: во еден момент на владеењето на автократскиот и корумпиран режим на претходната власт на македонските националисти, на нашата држава ѝ истече времето.
Покажувајќи се неспособна да се управува себеси, таа е „дадена“ на Грција. Шегата во грчкиот печат дека Грција ја посвоила Северна Македонија, звучи посимпатично, но вистината е оваа која ја кажав. Имено, договорот од Преспа е и договор за стратешко партнерство. Вообичаеното значење на терминот стратешко партнерство е соработка во одбраната и безбедноста, покривајќи и бројни други области од образованието, здравството и развојот, но и економските односи, вклучувајќи ги трговијата, инвестициите и банкарството.
Ако светот го гледаме со очите на политичките реалисти, а не со оние на правниците, тоа е понудата од големите западни сили која Грција не можеше да ја одбие и која го забрза решението на проблемот со името, затоа што ако одбиеше ќе си ја загрозеше сопствената безбедност. Имено, слабата држава некадарна демократски да се управува (20.000 прислушувани значи и долгорочно онеспособување на демократијата, кумановските настани кои можеа да бидат вовед во етничка војна, слабо судство и култура на неказнивост и сето останато), ја растури државата и создаде вакуум на моќ кој, со време, можеше да биде пополнет со моќта на Бугарија и на Албанија.
И еве го парадоксот. Со оглед на сложените односи врзани за нацијата кои ги имаме со Бугарија, ова решение со Грција, е во прилог на зачувување на посебноста на македонската нација и јазик, а не, како што мислат националистите против нацијата и јазикот. Имено, само решението на проблемот со Грција ни ги отвораше портите на Запад во чии сојузи ја добиваме шансата да просперираме како посебна нација и држава. Силовитиот продор на бугарското влијание во нашата држава, пак, можеше да ја стопи нашата нација како свеќа, а оној на Албанија, да го наруши внатрешниот етнички баланс.
Затоа, точно знаеше што зборува поранешниот министер за надворешни работи Козијас, кога на својата јавност, не така дамна, ѝ рече дека подобро е да се реши спорот и да се прошири грчкото влијание во Северна Македонија, отколку влијанието на другите околни земји, вклучувајќи ја и Турција. Тоа некни го повтори и премиерот Ципрас. Стратешкото размислување на оние кои ја држат рамката на меѓународниот поредок, големите западни сили, но и на сите оние кои знаат така да размислуваат, е дека е ова најбезбедниот пат за афирмација на младата македонска држава и нација, што ќе продолжи да го врти тркалото на историјата напред, а не назад.
За жал, стратешко размислување во македонската политика и не постои. Постои логиката на правото и правдата која ништо суштински не објаснува во свет во кој владеат интересите и моќта. Логика која од Северна Македонија направи грчка сфера на интерес, а доколку наскоро одново победи на избори ќе ја турне земјата во досега невидена криза.
Политичката, а не правната мисла ми помага низ годините да мислам стратешки и да го разберам светот каков што е, а не таков каков што сакаме да биде. Со помош на таа мисла точно знаев како ќе заврши спорот со Грција уште пред триесетина години, и за тоа постојано алармирав, пишував и зборував, како што знам точно како ќе заврши спорот со Бугарија, во неколкуте години пред нас. Гласно предупредував затоа што улогата на интелектуалецот, привилегиран да чита и да размислува, е да биде извидник на опасни и непознати политички терени и да му каже на народот и на политиката, што ги чека потака од каде што допира мислата на мнозинството. И да ја каже вистината, независно од тоа колку е горчлива и која е личната цена, која, денес, за среќа, се мери само во губење на привилегии кои произлегуваат од добрите односи со власта.
Извор: Инбокс7