Актерите се откажуваат од многу нешта за да добијат улога во некој филм или серија. Најактуелниот пример деновиве е Хоакин Феникс (44), кој е непрепознатлив откако ја доби главната улога во новиот филм за Џокер.
Феникс кон средината на септември минатата година се појави на филмскиот фестивал во Торонто каде присутните ги шокираше со својот изглед. Феникс толку ослабнал што обожавателите на социјалните мрежи коментирале дека толку ѝ се посветил на новата улога и дека потсетува на ликот Џокер од стриповите на Бетмен.
„По ѓаволите, сега изгледа морничаво“, се согласиле следбениците и зборувале колку тој е застрашувачки слаб.
Во филмската индустрија има многу примери на нагло слабеење или дебелеење за некоја улога.
Кристијан Бејл поради филмот „The Machinist“ ослабнал дури 30 килограми, а се држел до фразата „помалку е повеќе“. Тој знаел на ден да изеде само едно јаболко или конзерва туна.
Гледачите се шегувале дека Феникс драстично ослабнал токму поради тоа што ги следел упатствата на Бејл за губење на килограмите.
– Тешко е да ослабнете или да се здебелите за некоја улога, но го правите она што е потребно. Кога еднаш ќе поминете низ тој процес знаете што да очекувате во иднина, но поради тоа и повеќе стрепите – изјавил Феникс.
За разлика од претходните двајца актери, Џорџ Клуни за улогата на таен агент во филмот „Сиријана“ се здебелил 14 килограми. Агентот со години не бил на терен, па токму поради тоа Џорџ морал да поседува “буцкаст” изглед.
„Еден месец јадев само паштети. Јадев сѐ додека не ми станеше лошо“, опишал Клуни.
Слично проживела и Рене Зелвегер која ја имаше главната улога во „Дневникот на Бриџит Џонс“. Таа морала да се здебели 10 килограми, бидејќи нејзиниот лик се борел со прекумерната тежина. Рене за улогата постојано јадела колачи, кроасани и нездрава храна.