Шекеринска и Жбогар трчаа кон НАТО

505

Повеќе од 270 лица денеска учествуваа на првата здружена Атлетска трка во рамки на одбележување на 70-годишнината од НАТО, во организација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.

На трката што ја отвори Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во земјава, учествуваа и вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и претставници на воено-дипломатскиот кор акредитирани во земјава, од МО, МВР и атлетски здруженија.

Победниците на трката ќе бидат соопштени утре на церемонија во Градскиот парк.

– Денеска и симболично покажавме дека сите овие години трчавме кон нашата заедничка цел, а тоа е НАТО-членството и таа трка за жал беше потешка од денешнава, и од трите и од петте километри. Таа траеше подолго време и бараше многу напори и одрекувања – изјави министерката Шекеринска по нејзиното пристигнување на целта.

Таа додаде дека сепак нашата држава стигна до целта. Така и најголемиот дел денеска од натпреварувачите, посочи, стигнаа до целта и покажаа дека сите сме обединети во желбата нашата земја да стане подобра, побезбедна, да стане попросперитетна.

-Затоа трчавме кон НАТО и заради големиот напор и големата енергија успеавме во оваа цел, потенцира Шекеринска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...