Шекеринска: Подготвени сме и за поголем притисок од мигранти на јужната граница

Во однос на барањата од турскиот министер за одбрана Хулуси Акар за преземање акција против припадници на Фето и дали тоа го загрозува нашето членство во НАТО, Шекеринска вели дека нема нови барања и нема што повеќе да каже од веќе познатото.

119

Ја следиме состојбата со мигрантите на јужната граница, подготвени сме да се соочиме и со зголемување на притисокот, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Како резултат на лажни вести, посочи таа, еден дел од бегалците кои биле стационирани во Грција мислеле дека балканската рута е отворена и заради тоа тргнале и кон нашата граница.

– Во текот на вчерашниот ден правевме консултации и Министерството за внатрешни работи, пред се, и ние како негова поддршка, сме подготвени да се соочиме и со зголемување на притисокот на границата. Тоа покажува дека е важно да се биде буден и подготвен – изјави Шекеринска одговарајќи на новинарски прашања во тек на присуството на НАТО трката во Скопје.

Таа вели дека не случајно има постојано армиско присуство и во деновите кога немавме ниту еден мигрант на границата.

– Собранието неколкупати ја продолжуваше одлуката на границата да имаме и воена односно армиска поддршка дури и во периоди кога изгледаше дека опасноста поминала, меѓутоа и јас и министерот за внатрешни работи велевме дека во поглед на мигранстките кризи мора да се навикнеме на новата реалност, а тоа е дека таа опасност може да се создаде преку ноќ, и дека таа ќе биде најверојатно една од стандардните опасности и за нас, меѓутоа и за сите земји во регионот – рече Шекеринска.

Во однос на барањата од турскиот министер за одбрана Хулуси Акар за преземање акција против припадници на Фето и дали тоа го загрозува нашето членство во НАТО, Шекеринска вели дека нема нови барања и нема што повеќе да каже од претходно кажаното од министерот за внатрешни работи.

– Се трудиме со секоја од земјите кои ни биле долго време сојузници и го поддржувале нашето НАТО членство да обезбедиме целосна поддршка на нашиот НАТО процес и да ги подобруваме нашите меѓусебни односи – изјави министерката за одбрана Шекеринска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...