Во услови кога секојдневно се соочуваме со голем број економски и правни проблеми и се обидуваме истите да ги решаваме преку одредени мерки, барања, иницијативи и други начини на дејствување, особено важно е да се потсетиме и на многубројните позитивни приказни произлезени од нашата деловна заедница. Општествената одговорност на компаниите постепено станува составен дел на деловната политика на македонските компании.
Тоа се потврдува и преку бројните иницијативи на деловната заедница кои директно влијаат врз промовирањето на заеднички општествени вредности, насочени кон економска и социјална благосостојба, преку кои се постигнува подобрување на сопственото реноме на компаниите, подобрување во односите со клиентите и инвеститорите, но и поголема мотивираност и лојалност на вработените. Во тој контекст, со задоволство би ја споменала иницијативата на неколку наши долгогодишни членки („Европа“ – Скопје, „Макпрогрес“ – Виница, „Витаминка“ – Прилеп, „Рептил маркети“ – Скопје) за воведување скратено работно време за работниците кои користеле породилно отсуство, како пример за воведување општествено одговорни практики со кои се придонесува за овозможување подобри услови за вработените, унапредување на родовата еднаквост и поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот.
Несомнено е дека од ден на ден сѐ повеќе расте свесноста дека одговорните компании постигнуваат успех во деловните активности, не само со почитување на строгите законски правила и прописи, туку и со доброволни дополнителни активности кои се од полза за граѓаните, заедницата и општеството. Во таа насока, вреди да посочам само мал дел од многуте примери на општествено одговорни практики на Стопанската комора на Македонија, како што се: финансиската поддршка на Здружението на новинари на Македонија во унапредувањето на новинарската професија преку наградите кои традиционално се доделуваат за најдобрите истражувачки стории и најдобрите новинарски известувања, учеството во обезбедувањето на најдоброто концертно пијано „Стенвеј“, кое пијанистот Симон Трпчески го доби како подарок со здружена акција на Комората и неколку домашни и странски компании, обновувањето на оргулите во Католичката црква „Пресвето срце Исусово“, донациите за народните кујни во црквите што се обезбедуваат преку организацијата на хуманитарниот „Светски пикник“ кој Советот на странски инвеститори при Комората традиционално го организира секоја година и други.
Општествената одговорност на компаниите придонесува и кон јакнење на сопствената конкурентност во глобалната економија преку зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги, подобрување на угледот и имиџот, заштита на животната средина, подобрување на социјалните услови во заедницата, како и промовирање на етичкото управување.
Во услови кога довербата станува клучен елемент во бизнисот, еден од значајните фактори за успешна компанија е и промовирањето на општествената одговорност .
Со цел да се споделат и афирмираат добрите практики на нашите стопанственици, како позитивни примери кои поттикнуваат и другите компании да ги следат нивните примери, ќе наведам само неколку наши компании – членки кои се најнаградувани за својата општествена одговорност од страна на Министерството за економија, во изминатите 10 години, по разни основи: „Раде Кончар – ТЕП“ ДООЕЛ – Скопје, „Фармахем“ ДООЕЛ – Скопје, „Дуна Компјутери“ ДОО – Скопје, „Раде Кончар – Сервис и поправка на електрични производи“ ДОО – Скопје, ЕВН „Македонија“ АД – Скопје, Цементарница „УСЈЕ“ АД – Скопје, „Адора Инженеринг“ ДООЕЛ – Скопје, „Алкалоид“ АД Скопје (1) . Компаниите, со своите општествено одговорни практики придонесуваат за подобра социјална инклузија, заштита на животната средина и економски просперитет. Овие нивни напори влеваат надеж дека нашето секојдневие може да биде поинакво, многу поперспективно и многу поведро.
(1) Публикација „10 години општествена одговорност на претпријатијата во Македонија“, Министерство за економија, Скопје 2017 година