Палевски во Прилеп пуштал „бомби“, па завршил во полициска станица

Тројцата денеска биле задржани на разговор во полициска станица, а информацијата ја потврдуваат и од МВР.

5511

Љупчо Палевски и уште две други лица, едно од Битола, а едно од Прилеп, синоќа на собир на отворено во Прилеп на разглас пуштале телефонски разговори во кои наводно зборуваат актуелни и поранешни функционери.

Тројцата денеска биле задржани на разговор во полициска станица, а информацијата ја потврдуваат и од МВР.

– На 05 април 2019 во Полициската станица Прилеп задржани се три лица Љ.П. (55) од Тетово, Т.М.(44) од Битола и Г.Н. (49) од Прилеп поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено прислушкување и тонско снимање“ казниво по член 151 став2 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија – велат од МВР за Плусинфо.

Од настанот на социјалните мрежи имало и пренос во живо и според она што може да се слушне од тоа видео, за еден од разговорите кои биле пуштени, се тврди дека е од 2012 година, а наводно го водат поранешната и актуелниот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и Оливер Спасовски.

На разгласот се пуштал уште еден разговор, за кој Палевски тврди дека еден од соговорниците е од поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски.

Инаку, во август 2017, Палевски беше приведуван на распит во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за предистражна постапка која тогаш беше отворена. Тогаш немаше официјални информации за каков предмет беше повикан, но според она што неофицијално беше објавено, тој бил повикан во врска со објавувани прислушувани разговори.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...