Во разгорувањето на битката во трката за градски татко на Охрид, денеска се приклучи поранешното раководство на Обединети за Македонија од Охрид, кое даде целосна поддршка на кандидатот за градоначалник Михаил Трендафилов – Нанче, соопшти ГДУ.
На прес-конференција во Локалниот клуб на Граѓанско Демократската Унија, Владимир Каневчев, поранешен претседател на Обединети за Македонија во Охрид изјави:
– Како поранешното општинско раководство на Обединети за Македонија и јас како нејзин поранешен претседател, пред неполн месец донесовме едногласна одлука за негово распуштање, а после неколку наши консултации околу понатамошните политички ангажмани, едногласно одлучивме, на претстојните избори за градоначалник на Охрид да застанеме во поддршка на Михаил Трендафилов Нанче – рече Владимир Каневчев, поранешен претседател на ОМ во Охрид.
Тој го повика членство и симпатизери да ја дадат својата поддршка за градоначалничкиот кандидат Михаил Трендафилов – Нанче.
Нанче ја поздрави поддршка на тие кои веруваат во како што рече, големата идеја на Обединети за Македонија и сѐ уште веруваат во обединување, кое сега го гледаат преку ГДУ.
– Ова се мали чекори за нас но големи за Македонија. Во овие моменти на тотална расцепканост во општеството, дебела поларизација, наша цел е обединување и здружување на сите прогресивни сили, без разлика на партиската определеност.
На Македонија и е потребна Унија. Охрид е на пат да му се случи Кичево и Струга од 2004 година. Двете партии СДСМ и ДПМНЕ единствени се само по тоа прашање. Распродаваат без усул! И да повторам, на Охрид, Македонија им треба обединување како воздух, вода и слобода – рече Нанче.