На Инфективна починале тројца, а на КАРИЛ двајца заболени од грип за една недела

244

Од петте нови смртни случаи асоцирани со грип оваа недела, тројца починале на Инфективната клиника, а двајца на КАРИЛ. Сите добиле тешка компликација од  респираторните инфекции, изјави денеска д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог и раководител на сектор во Институтот за јавно здравје, кој ги обелодени најновите смртни случаи и новозаболени од грип, како што веќе објавивме.

За повеќе информации, таа упати за одговор во двете клиники каде починале заболените од грип.

Двајца од починатите имале и други хронични заболувања, а за тројца не е наведено дека имале и друга болест.

– Според извештајот што го добивме, кај овие пет случаи станува збор за тешки, масивни бронхопневмонии и за откажување на кардиоваскуларниот систем. Секој заболен со симптоми на грип треба да побара лекарска помош, особено ако и по 2 дена состојбата се влошува, за да се постави точна дијагноза и навреме да се реагира со терапија. Доминантен тип на вирусот е А (Х1 Н1) – нагласи д-р Кузмановска.

Оваа сезона има 28 починати од грип и над 20.000 заболени.

Таа појасни дека вирусот на грип годинава претрпел промени во својата структура и станал значително поагресивен и вирулентен.

Смртните случаи се регистрирани во Скопје, Делчево, Крива Паланка, Охрид и во Тетово. Возраста на починатите е од 39-75 години.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...