Книгата „Димензии на бајките – мрак и светлина“ од Лени Фрчкоска деновиве излезе од печат во издание на издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје.
Фрчкоска прави пресек на теориите за потеклото, структурата и проникнувањето на бајките во фолклорното творештво преку современието, главно низ психоаналитичките толкувања и родовите перспективи на авторите како Владимир Проп, Жак Лакан, Јулија Кристева, Сандра Ли Бартки, Славој Жижек до современата инструментализацијата на фантазмот на бајката како средство за идеолошко спознавање.
– Бајките се есенција на современието. Тие се негова културолошка кристализација стокмена низ археликовите на принцези, принцови, омразени ќерки и истерани синови, џуџиња змејови или, денеска, нивните современи варијанти. Како литераризирани идеолошки приказни, преку теми за субјектот кој го препознава своето место во социјалните релации, едуцираат за правилата и општествената улога.
Бајковниот фантазам денес, во контекст на идеолошкото толкување на реалноста, е подложен на неограничени избори и нови трансформации. Во ваков контекст тој сепак ги задржува и двете контроверзни тензии: да еманципира или да конзервира. Неговата употреба лежи во одлуката за тоа кој аспект ќе се презентира во образовниот и медумски сегмент што, секако, е политичка одлука. Со тоа се потврдува и нагласува важноста на улога на бајката во образовниот процес на децата, интегритетот на нивната личност и вредности кои ги восприемаат. Текстот поминува низ тие волшебни метаморфози на ликовите и наративите и се обидува да ги долови логиката и опциите на еманципаторските, конзервативните па и експерименталните трансформации – наведува авторката.
Книгата може да се купи во книжарниците на Или-или, Литература.мк, Магор, и интернет книжарницата Купикнига.мк. Објавена е со поддршка на Министерството за култура.