Пет смртни случаи асоцирани со грип се пријавени во изминатата недела, а две лица имале претходна хронична болест. Смртните случаи се регистрирани во Скопје, Делчево, Крива Паланка, Охрид и Тетово. Возраста на починатите е од 39-75 години, објави Институтот за јавно здравје.
Кај три лица од починатите е изолиран А(H1pdm) вирусот на грип, а кај еден несубтипизиран тип А.
Со ова регистрирани се вкупно 28 смртни случаи асоцирани со грип во сезоната 2018/19, а лицата биле на возраст од 5 до 86 години, што е најмногу досега по 2009 година кога се појави свинскиот грип и кога починаа 30-тина лица.
Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на ЦЈЗ Скопје (13), 4 лица се од Охрид, по 2 од Кичево, Кавадарци, Делчево и Тетово, и по еден смртен случај е пријавен во Ресен, Крива Паланка и Валандово. Кај 20 лица (71,4%) е утврдено постоење на други заболувања.
Во февруари најмногу заболени
А вкупниот број на заболени од грип досега изнесува 20.657 лица – со тоа што од 25. до 31. март во Република Северна Македонија се пријавени нови 478 случаи со заболувања слични на грип. Тоа е за 51 отсто помалку во споредба со минатата недела, а за 23,8 отсто повеќе споредено со 13-та недела од минатата сезона.
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 23 материјали за тестирање на грип, од кои 9 (39,1%) позитивни за присуство на вирусот на грип – 6 Influenza A(H1)pdm, 2 Influenza A(H3) и еден Influenza А несуптипизиран.
Во 13-та недела, најголем број заболени лица (n=303; 63,4%) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 51,6/100.000 жители е регистрирана кај децата од возрасната група од 0-4 години .
Неделава се пријавени заболени лица од 22 извештајни единици. Најголем број заболени лица се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Скопје (n=97), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на ПЕ Кавадарци (I=79,5/100.000).
Во пет извештајни единици се регистрира ниска, во 17 – многу ниска и во 9 извештајни единици не е регистрирана активност на вирусот на грип.
Оваа сезона пријавени се заболени лица од сите извештајни единици (31).
Најголем број на заболени лица се регистрирани во ЦЈЗ Скопје (n=3.596), ЦЈЗ Струмица (n=2.438), ПЕ Кавадарци (n=1.850) и ЦЈЗ Прилеп (n=1.508).
Највисока кумулативна инциденца од 4.298,9/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Кавадарци. Висока инциденца над 1.500,0/100.000 жители, регистрирана е во ЦЈЗ Струмица, ПЕ Дебар, ПЕ Свети Николе, ПЕ Кратово и ЦЈЗ Прилеп (Графикон 3) (Табела 1 во Прилог).
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 13.106 (63,4%), а највисока кумулативна инциденца од 1.973,5/100.000 се регистрира кај најмладите – децата од возрасната група од 0-4 години.
Најголем број од пријавените случи се регистрирани во февруари – 11.076 заболени или 53,6 отсто.
Најмногу инфицирал грип од типот А
Од почетокот на сезоната 2018/2019, во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ, пристигнати се вкупно 787 материјали од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот. Од пристигнатите материјали, 418 (53,1%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца, сите инфлуенца А. Според субтипот 283 (67,7%) се Influenza A(H1)pdm, 49 (11,7%) се Influenza A(H3), а 86 (20,6%) се Influenza А несуптипизиран.