Јустификација на политиката

Ние веќе десет години имаме, во вилата на Водно, еден претседател на држава (Георги Иванов) јурист по професија кој стана дури и почесен доктор на правни науки на московскиот Ломоносов-универзитет.

581

Многу ми се допадна оној дел од дебатата на пртседателските кандидати Река, Силјановска и Пендаровски кога, фаворитот на Х. Мицкоски и неговото ВМРО-ДПМНЕ рече дека таа ќе се борела за „јустификација на политиката и за деполитизација на јуристиката.“ Како човек со скромен ум во споредба со оној на Силјановска која ни го опиша на конвенција на ВМРО-ДПМНЕ што ја прогласи свој претседателски кандидат, брзо станав плен на еден куп еретички мисли кои се против верата „јустификација на политиката“. Еве мал дел од нив.

Ние веќе десет години имаме, во вилата на Водно, еден претседател на држава (Георги Иванов) јурист по професија кој стана дури и почесен доктор на правни науки на московскиот Ломоносов-универзитет. Иако јурист по професија како и Силјановска, тој претседател пропушти да се сети дека би било добро да покрене барем иницијатива за „јустификација на политиката“ и, со тоа, да ни даде до знаење во кој правец плови светската „Јустиција“- флота, на што укажа и Силјановска кога потсети на теоријата на еден голем јурист со англосаксонско име и презиме кои, за жал, не ги запаметив. Зборува ли тој пропуст на Иванов дека и тој  е човек со „силен ум“ ама и  „не толку“ како што, своевремено, лирски велеше поетсета Светлана Јоциќ-Христова?

Мојот скромен, еретички ум ми вели дека правото, како наука, е должно да даде одговор на прашањето: што е вистина, а што не? Дали е вистина, на пример, дека тројката пратеници Мукоски-Василевски-Арнаудов ги отворила собраниските врати на ден 27 април 2017 (како што тврди јуристката Вилма Русковска во својството строг јавен обвинител) или, напротив, тоа е лага на сегашната власт за да ја оствари целта „политички прогон“ на опозицијата, како што тврди азилантот Груевски и неговиот наследник Мицкоски?

Ако е вистина, во што длабоко верува јуристката Русковска на која и појде од рака да ја убеди и судијката Добрила Кацарска, тогаш очигледна лага е тоа што го зборува опозицијата. Таа зборува дека се работи за „политички прогон.“ Не за фер судски процес против еден куп луѓе кои заглавиле до гуша во калта на варварско самоволие и така станале закон над законот. Таа вистина, од своја страна, сега ни кажува и уште нешто. Тоа нешто е следново.

Правните науки, затоа што се науки,  работат со алатката „или…или“: или е прекршен и згазен закон кој важи за сите без исклучок, или не е; или е вистина дека тројкта Муковски-Василевски-Арнаудов отворила собраниски врати и, со тоа, одиграла клучна улога во настаните кои уследија на оној „крвав четврток“ во кој до смрт беше претепан пратеникот Зијадин Села, или е  лага. Без таа алатка „или…или“ која сече и пресекува безмилосно како мечот на Јустиција, не можат јуристките Русковска (обвинителка) и Кацарска (судијка) ако, веќе, не сакаат да се огрешат кон јуристиката. Ама, тоа „или…или“ не е и алатка на – политиката!

Политиката работи со друга алатка. Тоа е алатката „повеќе или помалку.“ Благодарение на таа алатка, политиката може да ви рече дека некој во тој „крвав четврток“ (како Муковски-Василевски-Арнаудов, на пример) помалку кршел и газел закон, во споредба со друг кој повеќе газел и кршел закон кога, во наплив на патриотски бес, кршел глави и ребра на триклети „пратеници-предавници.“ Токму на таа алатка „повеќе или помалку“ се повика и друга, не помалку учена јуристка (Рената Десковска-Тренеска) од Силјановска и Иванов, кога предложи закон за амнестија на оние што не кршеле глави и ребра. Тој беше дури и усвоен и тоа од оние чии ребра и глави беа кршени со многу страст и сласт.

Добро, да го тргнеме сето тоа настрана и да си го поставиме следново, еретичко прашање: што би било со оној „Преспански договор“ на Заев и Ципрас до колку, на пример, се сетел Иванов дека е добро за РМ да се „јустифицира политиката“? Тој се сетил и, дури, му пошло од рака таа „јустификација“ која се изразила и како „деполитизација на јуристиката“ како што ни вели Силјановска! Во тој случај, Заев не би можел да направи двотретинско мнозинство за да го ратификува спектакуларниот „Преспански договор.“ Тој не би можел затоа што алатката „повеќе или помалку“ би ја заменил со научната „или…или“. Кога би го сторил тоа, тој Заев веќе не би можел ни да избира „од две зла помалото“ како што пред ден-два напиша Денко Малески, еден не помалку учен и угледен јурист во споредба со велеучените Силјановска, Иванов и Десковска–Тренеска.

За крај уште и ова: мојот скромен ум ми вели дека „јустификацијата“ не е многу далеку од сциентизмот. Некои не помалку учени луѓе од Силјановска го опишуваат тој милолик сциентизам, заедно со месијанството и манихејството, како зол, „интимен, непријател на демократијата“. Јас верувам во „силниот ум“ на Силјановска. Ама верувам и во умот и на оние што велат дека сциентизмот е не помалку зол од месијанството и манихејството. Затоа што верувам очекувам, кога ќе стане претседател, да објасни: како таа јустификација, сциентистичка по дух, е еден убав и добар дух? Иако сциентизмот е – зол!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...