Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во вечерашниот ТВ дуел на Телма, на прашањето дали ќе го применува Договорот од Преспа и ќе го употребува новото име, одговори потврдно.
– Се разбира, бидејќи тој стана дел од Уставот. Но, во примената има разлика. Ќе ги почитувам натписите на името на државата на институциите. Да, ќе го применувам, но како индивидуа ќе го одбегнувам називот Северна Македонија. Впрочем, и во членот 7, став 2 стои дека е дозволена употребата на придавката „македонско – рече Силјановска Давкова.
Таа побара од нејзиниот конкурент за претседателските избори Стево Пендаровски да не го повикува Зоран Заев на неговите кампањски собири бидејќи, како што вели таа, премиерот има јавна државна функција и тој и министрите не треба да доаѓаат на собирите.
Таа потсети дека е еден од креаторите на Изборниот законик и рече дека знае дека тоа е недозволиво.
Пендаровски одговори дека нема ништо спорно во целата ситуација, затоа што не се користат државни ресурси.