Заев телефонски од Меркел побарал поддршка за старт на преговорите со ЕУ

421

Премиерот Зоран Заев вчера телефонски разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел од која побарал поддршка за одлуката за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, која треба да се донесе во јуни.

„Тој потенцираше дека, со оглед на тоа дека државата има статус на земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, го склучи Договорот од Преспа и постигна резултати во поглед на реформските процеси, време е Советот на ЕУ да донесе позитивна одлука за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука ќе претставува дополнително охрабрување за да се продолжи со реформите во Северна Македонија“, информираа од Владата.

Разговорот се случил вчера, еден ден после посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас. Меркел, соопштија од владата, го поздравила позитивниот развој на спроведувањето на Договорот од Преспа, како и спроведувањето на домашните реформи преку отворен дијалог со опозицијата, што, според неа, ќе донесе конкретни и позитивни резултати.

„Во разговорот беше потврдено дека посетата на Северна Македонија што ја оствари грчкиот премиер Ципрас во вторникот, на 2 април 2019 година, како и заедничката владина седница, беше историски момент. Позитивниот развој на односите меѓу Северна Македонија и Грција е позитивен пример за регионот на Западен Балкан и тоа се добри вести за Европа. Спроведувањето на Договорот од Преспа потврдува дека дијалогот и дипломатијата креираат позитивни резултати за надминување на отворените прашања и може да донесат директна економска корист за граѓаните“, соопштија од владината прес-служба.

Заев, исто така, ја информирал канцеларката и за други политички настани во државата, како што е одржувањето на отворен дијалог со опозицијата во врска со реформите, каде се постигнати конкретни резултати со усвојувањето на нов закон за антидискриминација, формирањето на Антикорупциска комисија, како и реформи во безбедносните служби и јавната администрација. Дијалогот во врска со иднината на Специјалното јавно обвинителство, рекол тој, е сѐ уште во тек.

„Премиерот Заев ѝ се заблагодари на канцеларката Меркел за поддршката што Германија ја даваше во сите процеси, вклучително и надминувањето на спорот за името со соседна Грција, внатрешните реформи, а особено за економскиот советник што Германија го обезбеди со цел да ѝ помага на Владата на Северна Македонија. Германија е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија, а интересот на германските инвеститори е сѐ поголем. Покрај тоа, во земјата се спроведува модел за дуално образование со помош на германски партнери“, наведуваат од Владата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...