Даниловски: Матичните да бидат пастири на своето стадо, упатите да ги намалат на 10 отсто

Примарното здравство е клучно за заштита од заболувањата како и постигнување  на интегрирана здравствена заштита со пациентот во центарот на вниманието е визијата и стратегијата на Министерството за здравство. Одиме и кон зголемување на ингеренции на лекарите од болниците, па така наскоро ќе ги враќаме гинеколошките диспанзери во здравствените домови - истакна Филипче.

1514

Матичните лекари да бидат пастири на своето стадо, и да се грижат тоа што повеќе да остане здраво, па ако успеат не 36 отсто од пациентите, туку 10 отсто да упатуваат на повисоко ниво на заштита, во болниците и на клиниките, со тоа може да добиеме огромна заштеда. Епидемиологија е костур и темел на здравствената заштита, а ако матичните се свесни дека улогата е да спречуваат нарушувања на здравјето, односно да ја применат паролата „to care, not to cure“ – изјави проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог и еден од добитниците на Повелбата „Д-р Трифун Пановски“ која нему и уште на тројца лекари денеска им беа доделени од Македонското лекарско друштво.

Повелбата ја добија и д-р Даница Лабудовиќ, проф. д-р Соња Топузовска и д-р Васо Талевски

Свеченоста која се одржа денеска во Скопје е по повод претстојниот Светскиот ден на здравјето – 7 април, чие мото годинава „Здравје за сите“, со акцент на превентивната здравствена заштита.

Претседателот на МЛД, доц.д-р Горан Димитров, нагласи:

– МЛД одбележува 74 години постоење – од Сојуз на лекари што го формираа 3-4 наши лекари кои завршија на Сорбона, во Виена и Германија. Меѓу најуспешните потфати во минатата година беа вградување вештачко срце на Клиниката за кардиохирургија каде под водство на д-р Сашо Јовев и успешниот тим, но и под менторство на наш лекар од Германија, се изведе оваа сложена интервенција. Се гордееме и со докторката од Тетово, која на улица во Скопје спаси дете од задушување и инсистираше да остане анонимна – порача д-р Димитров, кој искажа благодарност и до болниците и до сите колеги кои помогнаа по трагедијата кај Ласкарци.

Тој по повод Денот на здравјето упати честитки и до матичните лекари кои, како што рече, се прв браник од болестите“.

Матичните не можат да ги препишуваат сите лекови

Д-р Бојан Бошковски, национален координатор на СЗО и невролог, во рефератот за Светскиот ден на здравјето, изјави:

– Универзална здравствена заштита може да се оствари преку силно примарно здравство, а сега многу услуги не се достапни на ова ниво и лекарите не можат да ги препишуваат ниту сите лекови. Па околу 30 отсто од пациентите си ги плаќаат услугите од својот џеб. Недостига мултидисциплинарен пристап во примарното здравство – матичните треба да сорабоптуваат и да го задржат пациентот на ова ниво на пружање заштита. Нема ниту јасни цели во примарното ниво, ни здравствени исходи и известувања во електронскиот систем. Бирократијата е голема, сестрите се повеќе административци – рече Бошковски.

Тој нагласи дека сега 36 отсто од пациентите се упатуваат на повисоко ниво, а за да имаме ефикасен модел, упатувањето треба да е до 10 отсто, и како што рече, „токму затоа требаат промени за да ја зголемиме достапноста на услуги на примарно ниво“.

Визијата е интегрирана заштита со пациентот во центарот на вниманието  

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, честитајќи им го денот на здравствените работници, порача:

– Примарното здравство е клучно за заштита од заболувањата како и постигнување  на интегрирана здравствена заштита со пациентот во центарот на вниманието е визијата и стратегијата на Министерството за здравство. Одиме и кон зголемување на ингеренции на лекарите од болниците, па така наскоро ќе ги враќаме гинеколошките диспанзери во здравствените домови – истакна Филипче.

Тој посочи дека најголемите новини кои ги планираат се промена на финансирањето на дел од здравствените услуги, во смисла на имплементирање на моделите на јавно-приватно партнерство, дозволување на приватниот капитал да влезе како инвеститор во нашиот здравствен систем, за да нема непотребните трошоци и долгови и да се фокусираат кон здравствен систем што купува услуги таму каде е најевтино и најквалитетно за пациентите. Појасни дека презеле неколку чекори за да ја подобрат покриеноста со здравствени услуги.

– Свесни сме дека во многу места има голем недостиг на доктори на примарно ниво, гинеколози и педијатри. Во таа насока подготвуваме промена на законот, при што ќе дозволиме лекарите кои работат во болниците да дадат услуги и на примарно ниво. Моделите на јавно-приватно партнерство значат дека секаде каде потенцијален приватен партнер може да најде интерес ќе може да инвестира, да се надгради инфраструктурата, опремата. Тоа значи подобрување на условите во кои работат и здравствените работници, поголеми плати за нив, а за пациентите поквалитетни здравствени услуги – додаде Филипче.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...