Алексис Ципрас или леснотијата на слободниот дух

1595

„Со овој договор градиме различен наратив за историјата на Балканот. Ѝ вртиме грб на историјата на конфликти, антагонизми и војни кои се синоними на Балканот откако бевме деца. Се обврзавме да изградиме нов наратив на соработка, взаемно разбирање и заеднички раст. Изгубивме многу време и сега треба да трчаме, да го стигнеме заостанувањето“, вака зборува, во Владата на Република Серверна Македонија, најмладиот премиер на Грција во последните 150 години. Со овие зборови јасно се исцртува неговата политика, а со тоа и политиката на неговата влада. Од друга страна, јасно е исчитувањето: модерна Грција не е заснована на некакви апстрактни јунаци, туку токму на антифашистичката борба!

Република Северна Македонија го реши билатералниот спор со Република Грција, а тоа и врапчињата на гранките го знаат. Но, она што „вистински не знаат“ е, кој, всушност е Алексис Ципрас. Кога човек го гледа, помислува дека е широк и отворен. Неговото однесување делува опуштено, сфаќа дека политиката е игра на сојузништва, а не игра на што повеќе непријатели. Разбира Ципрас, а тоа е повеќе од очигледно, дека Грција, како впрочем и Северна Македонија, може да оди напред само ако има сојузници.

Во таа негова опуштеност, Ципрас е потполно фокусиран до најситен детаљ. Силен противник на „политиката на штедење“, затоа што знае дека „програмот за штедење“ не успева никаде во Европа. Овие тези Алексис Ципрас ги заговараше уште во времето кога од официјален Вашингтон бараше поддршка. Секоја негова средба, патување, е потполно испланирана со однапред смислена цел и ефект за Грција, овие трасирања и насоки ги изјавуваат неговите соработници. Пред да стане премиер, Ципрас знаеше дека мора да има билатерални односи со други земји. Тоа не значи дека ќе биде помалку опасен, туку напротив…

Пред да стане премиер на Грција, Ципрас водеше на сите анкети од сите конкуренти со 43 проценти. Уште тогаш, кога беше избран за претседател на Синаспсимоса, најголемата партија која беше дел од тогашната коалиција на Сириза, Ципрас имаше само 33 години, и така стана најмладиот претседател на партијата во целата Грчка историја. Денес, пак, со 44 години претсавува најмладиот премиер на Грција во последните 150 години.

Што навистина Заев и Ципрас зборуваа, не знам, ама гледаме дека имаше голем ефект во земјата, имаше голем ефект и во Грција, како и во Европа. Пред македонските камери Ципрас беше опуштен, насмеан во прилично ноншалантен „од“ со премиерот Заев. Во право е Сашо Орданоски кога вели дека владата на Ципрас „покажува искрена желба и практични напори тој да биде нашиот европски промотор“.

Во ваков контекст, може да го замислам драмскиот ефект и манирот на Златна Зора и фамилијата на Мицотакис: „соросоидни убијци, ако веднаш не ја прекинете таа шарада од борделот за добрососедство, ќе ве испратиме во пеколот. Тие што нема да го прифатат нашиот ултиматум, ќе бидат заклани како кокошки на патот“. Приметувате? Од една страна имаме бениген виц на Славој Жижек, а од друга страна реторичка закана. А посреде се наоѓа контекст што е доволно силен, контекст што не може да предизвика реални проблеми во овие околности, дури невозможно е да се намали рејтингот на двојката Заев-Ципрас.

Средбата на грчкиот и македонскиот премиер во Скопје ќе ја откриеме „ретроактивно“, односно ќе се обидам да ја објаснам оваа „судбинска“ средба на помирување и решавање на деценискиот билатерален спор. Да одиме со ред.

Првиот симболички гест што владата на Ципрас ја направи откако дојде на власт во Грција е промената која ја направи во традиционалната „нема алтернатива“ политика. Ципрас најпрво ги тргна барикадите кои траеја уште од антивладините протести кои беа поставени против „мерките на штедење“ пред Грчкиот парламент од 2010. „Не, грчките претставници во парламентот нема да бидат заштитени од народот“, велеше тогаш Ципрас.

Вториот ден откако станува премиер, Ципрас оди да го посети спомен обележјето во „Каисарианија“ кајшто нацистите 1944 година убија 200 припадници на грчкиот отпор. Традиционално, првиот чин на новиот премиер беше полагање венец на гробот на Незнајниот јунак. Така, со овој потег, Ципрас јасно кажа не само кое е минатото, туку која е и иднината на неговата влада, а богами и што мисли за неговите коалициони партнери: не, модерната Грција не е конструирана на некакви апстрактни незнајни јунаци, туку токму на антифашистичката борба!

Уште повеќе важно е што следно направи. Ципрас веднаш ги запре приватизациските процеси на кои ги наметнуваат ММФ и Европската централна банка, како и делот на „бејлаут план“, помеѓу останатото и приватизација на пристаништето Пиреј, автопатишта, аеродроми, итн. Го започна повторно вработувањето на работници во јавниот сектор кои ги изгубија работите поради „мерките на штедење“, вклучително и чистачите од министерството за финансии. Пазарот, се разбира, негативно реагираше, ама Ципрас не запира, веднаш се состана со рускиот амбасадор, а потоа и со кинеската делегација, покажувајќи дека геополитиката ќе биде составен дел на новата грчка влада. Истовремено, Ципрас го смали воениот буџет, поднесе барање за дополнително оданочување на капиталистите и забрани банкарски шпекулантски понуди, даде налог за субвенционирање на хипотекарни долгови на најсиромашните, предложи давање државни, банкарски и црковни згради на најсиромашните за користиње на бездомниците, како и бесплатно здравство за сите бездомници и невработени. И, сега, што да кажеме за Алексис Ципрас? Шири демагогија?

Тоа кај нас од прилика вака изгледа: сите пред да дојдат на власт, ветуваат сѐ и сешто, ама примерот на Ципрас мора да се следи. Ципрас во своите говори нема, „еј, знаете, претходните толку ја сјебаат ситуацијата, што сега мора да кратиме, да чистиме“. Ципрас го покажа спротивното, и се надеваме дека ќе продолжи со исто темпо.

На крајот, сакам да кажам уште нешто. Мене Ципрас ми делува смирен и опуштен; но исто така ми делува брзомислечки, скромен и остар; реален и утопистичен, односно дека утопијата е ризик, предзнак на секоја добра политика ако сака да биде достојна на своето име. Нема политика без ризик, како што нема ниту љубов без ризик. Ципрас за разлика од нашите политичари не е ниту бахат, ниту изгубен, а има смисла и за хумор, како што има и музички вкус: на еден митинг на Ципрас, свиреше познатата мелодија на Леонар Коен „Fist we take Manhattan, then we take Berlin“. Веднаш потоа, на стејџот се качи Пабло Иглесијас, соборецот и лидер на шпанскиот Подемос, со порака која им беше јасна на сите, и можеби упатува на една поинаква Европа: „Прво ќе ја заземеме Атина, а потоа ќе падне и Мадрид“.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...