За еден месец ќе бидат познати детали за падот на Цесната ВИДЕО

163

Увидот на воздухопловот кој завчера се урна во близина на Солунска глава во кој загина пилотот и неговото семејство заврши вчера на местото каде што се пронајдени остатоците на „цесната“ на 2,200 метри надморска височина, истакна денеска на прес-конференција претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИВНСИ Зоран Илиевски.

Комитетот за несреќи и сериозни инциденти за еден месец ќе соопшти детали од истрагата за падот на Цесната 210 ер.

Тој информираше дека остатоците на авионот ќе бидат подигнати веднаш штом тоа ќе го дозволат временските услови, а дали ќе има потреба од вештачење на леталото, рече дека тоа ќе го покаже истрагата.

– На самото место направивме преку 400 професионални фотографии и видео снимки со професионален дрон што е многу важно за понатамошната истрага, -појасни Илиевски.

Тој информираше дека денеска донел одлука за формирање на Комисија за истражување на несреќата во која покрај него и колегите од Комитетот Зоран Велковски и Зоранчо Михалјов ќе бидат ангажирани и надворешни експерти од доменот на цивилното воздухопловството. Посочи дека е во контакт со бугарскиот колега Христо Христов кој веќе одредил двајца истражители кои ќе бидат на располагање на Комисијата во истрагата.

Одговарајќи на новинарско прашање дали пилотот добил дозвола за слетување на скопскиот аеродром, Илиевски рече дека во неговото досегашно искуство, не сретнал некаде некој да побара дозвола за слетување поради некоја причина, а да не ја добил. Тој потсети дека вчера и директорот на М-НАВ Николче Тасески ја демантираше таа дезинформација дека пилотот не добил дозвола за слетување.

Илиевски рече дека дополнително ќе се побара информација од предвидувањата на метео службата од аеродромската контрола на летање на М-НАВ од аеродромот во Охрид, по која ќе се изјаснат дали времето влијаело на несреќата.

Претседателот на КИВНСИ појасни дека кога се работи за воздухоплов на генерална навигација, пилотите сами одлучуваат дали ќе летаат или не.

– Претходно во службата на навигацијата на било кој аеродром пилотот го најавува својот лет, бара информации кои му се потребни како што се метео информациите, прави план и го најавув – рече Илиевски и додаде дека пилотот сам си ја прави рутата, односно сам прави план на летање кој го доставува.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...