Лидерите на партиите на Ромите кои застанаа зад претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, на заедничка прес-конференција истакнаа дека Пендаровски ќе овозможи подобра иднина за Ромите.
Тие потенцираа дека за првпат ќе работат заеднички во насока на поддршка за Пендаровски.
Градоначалникот Курто Дудуш нагласи дека постојат две причини за здружување помеѓу ромските политички субјекти.
– Прво, носени од концептот на помирување и соживот во едно мултиетничко општество и опкружување дојдовме до заклучок дека делбите и раздорот меѓу нас ќе донесе поголема штета за ромскиот народ во нашата земја. Па, оттука како претставник на владејачката партија во Република Северна Македонија, имав морална и професионална обврска да го вратам единството во ромскиот политички сектор во интерес на нашата заедница. Второ, сметам дека е доста од поделби и делби. Доаѓа нова ера, живот за сите, сите граѓани, вклучувајќи ги и Ромите, заслужуваат стабилна економија, континуирано вработување, повисоки плати, квалитетно здравство и решено станбено прашање. Нашите деца треба да бидат вреднувани по нивниот труд, а не по нивната кожа – рече градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
На прес-конференција се обратија и Амди Бајрам, Самка Ибраимовски и Неждет Мустафа.