Малиот авион од типот цесна П210Н кој вчера попладне се урна кај Солунска Глава при што загинаа четворица бугарски државјани, имал дозвола за слетување на аеродромот во Скопје, како алтернативен аеродром согласно веќе одобрениот план за летање, информиаат денеска од М-НАВ.
„На воздухопловот цесна П210Н кој вчера попладне се уран во близина на Солунска Глава му беше одобрено да се упати кон скопскиот аеродром согласно одобрениот план за лет, каде алтернативен аеродром бил аеродромот во нашиот главен град“, се вели во демантот од македонската навигација.
Од М-НАВ најостро ги демантираат наводите пласирани во одредени медиуми дека не било дозволено упатување на воздухопловот кон скопскиот аеродром.
„Уште еднаш потенцираме дека на воздухопловот цесна П210Н, му било одобрено да се упати кон скопскиот аеродром, согласно одобрен план за лет, каде алтернативен аеродром бил аеродромот во Скопје“, се наведува во соопштението од воздухопловната навигација.
М-НАВ апелираат во интерес на истрагата и од почит кон загинатите и нивните најблиски да не се шират понатамошни дезинформации.
Директорот на М-НАВ и претседател на УО Николче Тасевски, за МИА, рече дека воздухопловната навигација целосно и транспарентно соработува со Комитетот за истраги на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството и Јавното обвинителство за поефикасно спроведување на истрагата и утврдување на причините за несреќата.
Од М-НАВ вчера информираа, дека пилотот на цесната поради лошите временски услови побарал да слета во Скопје, што му било одобрено, но по кратко време одлучил да породолжи за Софија.