Здравјето на работниците да биде рамноправно, не по големина или димензија, туку по значење, и мора да биде дел од сите национални политики. Ова го соопшти проф. д-р Јована Караџиска-Бислимовска од Институт за медицина на трудот на денешниот стручен состанок по повод Светскиот ден на здравјето. Темата на состанокот беше „Универзална покриеност со здравствените услуги: секој и секаде!“ а главната порака „Здравје за сите! Здравје за сите работници“.
– Ние лекарите можеме да ги менуваме работите. Кога е во прашање здравјето ние мислиме пред се на здравјето на работниците. Сметаме дека работниците се исклучително важен сегмент на популација која со продуктивноста, со способноста создава и обезбедува одржлив развој во едно општество. Затоа заслужува целосна грижа, внимание и сите напори на една заедница за нивно подобро здравје. Со цел јакнење на здравствени системи мора да се промовира соработка и заедничко работење во земјите и глобално преку мултипартиска платформа – рече Караџиска-Бислимовска.
Таа посочи дека е потребна поголема политичка посветеност во услови кога меѓународна заедница и организации помагаат и даваат поддршка.
– Треба да дадеме брз пристап до основни здравствени услуги и да ги превенираме повредите при работа на сите работници. Здравјето секогаш мора да биде дел од сите политики. Ние не мислиме само на вработените кои се на товар на работодавачите, туку и за одговорноста на државата за сите работници а тука спаѓаат и оние кои не се покриени со законот за безбедност и здравје при работа, и тие работат – додаде таа.
Проф. д-р Катарина Ставриќ од Клиника за детски болести рече дека човечките ресурси се исто така многу важен елемент кој недостига.
– Ние секојдневно се соочуваме со одлив на млади кадри и затоа имаме недостаток на човечки ресурси. Имаме болници, имаме амбуланти, имаме брза помош, но немаме луѓе, немаме квалитетно обучени луѓе, ни недостигаат современи технологии за да ја поедноставиме својата работа со пациентите. Пациентите стануваат се посвесни и бараат високо квалитетни здравствени услуги. Тоа е нивното основно човеково право. И ние докторите, давателите на услуги, и креаторите на политика, треба тоа да им го овозможиме – додаде Ставриќ.
Таа појасни дека универзалната покриеност со здравствените услуги подразбира дека сите пациенти подеднакво и рамноправно треба да имаат пристап до високо квалитетни здравствени услуги, независно од пол, возраст, религија.
– Сите здравствени услуги треба да бидат достапни на пациентот и да бидат финансиски остварливи. Анализите покажуваат дека 37 отсто од нашите пациенти плаќаат од џеб. Тоа е недозволиво. Не смееме да дозволиме пациентите да плаќаат за своите основни човекови права. Само силна примарна заштита ќе го смени ова. Услугата мора да е економски исплатлива за да може ефективно да ги задоволи потребите на пациентот, бидејќи тој е во центарот на грижата.