НАТО значи партнерство, безбедност, заедништво. Земјава помина предолг пат, но покажа дека може да испорача резултати. Пристапувањето во Алијансата не е лесен процес, мора да се носат тешки одлуки, но вредат сите напори за земјава да стане 30-та членка на Северноатлантската алијанса.
Ова беше во фокусот на дипломатската дискусија која премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја имаа со амбасадорите на земјите-членки на НАТО на тема „Патот до Брисел“, што во рамките на НАТО неделата, ја организираат Министерството за одбрана, Евро Атлантскиот совет (АТА) и амбасадата на Република Словенија.
– На 6 февруари годинава земјава го потпиша Протоколот за членство во НАТО. Постигнавме една од нашите стратешки цели и обврски, а тоа е да станеме земја-членка на НАТО. Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложување на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа да ја реализираме нашата визија, да станеме дел од евроатлантското семејство – посочи премиерот Заев.
Тој истакна дека како идна 30-та земја членка, земјава сака да обезбеди свој придонес за понатамошно унапредување на Западен Балкан во мирен просперитетен и демократски регион и да дадеме сериозен придонес во мирот, стабилноста и безбедноста на цела Југоисточна Европа.
Заев оцени дека со членството во НАТО можеме да очекуваме и четири проценти економски раст, бидејќи НАТО носи охрабрување, стабилност, безбедност што дефинитивно дава и позитивни рефлексии.
– Дијалогот со опозицијата е отворен, и законите за безбедносните служби веќе се заокружени, очекуваме да се закаже седница во Парламентот. Останува уште Законот за јавно обвинителство. Верувам дека по пат на дијалог тоа ќе биде возможно. Сите сме сериозни политички субјекти, и кога доаѓа ред еден закон политички да го усогласиме, убеден сум дека вреди да ги дадеме сите наши напори, да се постигне и тоа решение. Законот треба да важи еднакво пред сите, сериозните капацитети на институциите се дел од критериумите за членство во НАТО и дел од вредностите на Алијансата – рече премиерот.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, истакна оти земјава помина предолг пат, но денес веќе разговараме за ратификација на Протоколот за членство во НАТО, нешто што, како што рече, пред една година изгледаше како нереален оптимизам.
– Ако имаш политичка волја, ако даваш задачи, ако ги исполнуваш задачите поставени пред себе, резултатите доаѓаат. Нема преоптимистичка цел, има само премалку работа, ако не ја исполнуваш. Покажавме дека Владата е одлучна и дека решава клучни предизвици, тоа е да ја обезбеди основната функција а тоа е да им даде на граѓаните безбедност, и да им обезбеди шанса за просперитет.
Според неа, отворените врати на Алијансата не беа подарок, туку заработена шанса за Северна Македонија, и како што рече членството во НАТО дава гориво и за политичката дебата за внатрешната економија.
– И НАТО добива од нашето членство. Нудиме успех и некои нови шанси. Во моменти кога и евроатлантското семејство се соочува со предизвици, Северна Македонија, со начинот на решавање на своите и на регионалните проблеми, покажа дека НАТО е се уште динамична атрактивна организација, и е модел за да ги решаваме и проблемите во регионот – оцени таа.
Шекеринска најави дека во јуни на армискиот полигон Криволак ќе се одржи најголемата воена вежба на наша територија досега. Тоа, како што рече, е е вежбата „Одлучен удар 19“, на која ќе учествуваат над 3.000 војници, не само од армијата на земјава, туку и од САД, Бугарија, Албанија, Литванија и Црна Гора.
– Ова за нас ќе биде и чест и симболичен знак за нашето идно членство во НАТО, но и голем предизвик и одговорност за да покажеме дека како идна членка сме способни да се носоме и со логистички, организациски и со политички предизвици – заклучи министерката за одбрана.
Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец, кој е и контакт амбасадор на НАТО во земјава, рече дека досега не се случило ниту една земја да има девет ратификации на Протокол за пристапување во Алијансата за само еден месец и половина, како што е случајот со Северна Македонија.
За него, ова е најдобар момент за пристапување на Северна Македонија во НАТО, бидејќи ова е симболична година, кога се одбележува 70 години постоење на Северноатлантската алијанса.