Воениот оркестар на АРМ заедно со грчкиот, но и оркестрите на САД, Обединетото Кралство и Словенија, утре во Домот на АРМ ќе одржи концерт „Together we stand“ во рамки на Неделата на НАТО, која ја одбележува Министерството за одбрана по повод 70 години од постоењето на Северноатлантската алијанса. Двата оркестра вчера за време на пробата ги посетија и министрите за одбрана, Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис.
Воениот оркестар на Македонија вчера се очекуваше да ги интонира македонската и грчката химна на платото пред Владата кога пристигна Алексис Ципрас со неговата делегација, но тоа не се случи. Од Владата велат дека оркестарот се спремал и за вчерашниот историски настан, но оти кога стигнала информацијата дека ќе доцни авионот на грчиот премиер се откажал настапот и се скратила целата церемонија, како што се воените почести, цвеќињата итн.
И на редовната прес-конференција, портпаролот Миле Бошњаковски денеска беше дециден дека тоа е единствената причина и оти нема никаква дискусија за промена на македонската химна.
– Преспанскиот договор на ниту еден начин не рефлектира врз химната, таа во ниту еден момент не била, не е и нема да биде спорна. Како потврда, во периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор нашата химна беше интонирана во повеќе прилики во присуство на официјални претставници од грчка страна. Само пред неколку денови на свечениот прием во организација на Амбасадата на Грција, по повод националниот ден на Република Грција, химната на Република Северна Македонија беше интонирана пред официјални грчки претставници. Химната беше интонирана за време на спортски натпревар за квалификација на Европско ракометно првенство кој се одржа на 28 октомври 2018 година, кога се натпреваруваа нашата земја и Грција во категорија сениори мажи – рече Бошњаковски.
Интонирањето на химната, но и изоставувањето на други делови од свечениот пречек, го одложи доцнење од само 15-тина минути. Според официјалната агенда, на платото пред Владата Ципрас требаше да пристигне во 10 часот, а тој поради доцнење пристигна околу 10.15 часот. Вакви задоцнувања од 10-20 минути имало и при други официјални посети, но ниту во еден случај немало кратење на пречекот со највисоки државни почести.
Случајот со неинтонирањето на химната крена голема прашина во јавноста, а шансата за обвинувања не ја пропушти ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ која обвини и за прекршување на Законот за употреба на грбот, знамето и химната.
Ако се погледнат членовите на овој закон во кој се пропишува употребата на химната, тогаш, може да се забележи дека химната се изведува само при доаѓање или заминување на претседател на држава, како и при суверен или овластен претставник на меѓународна организација, како што беше случајот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Химната на Република Македонија се изведува при официјално доаѓање во Република Македонија, односно при испраќање од Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација“, пишува во ставот 2 од членот 25.
Во други политички средби на меѓународно ниво, таа не е задолжителна или како што вели законот „може да се изведува“.
„Химната на Република Македонија може да се изведува при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои Република Македонија официјално учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири“, се наведува во ставот 2 од член 26 во Законот.