На здравје не се штеди, третина од Македонците се лекуваат приватно

Во светот, најмалку половина од луѓето не ги добиваат неопходните здравствени услуги, а околу 100 милиони луѓе секоја година се втурнати во екстремна сиромаштија поради трошењето лично од сопствени средства за здравство.

596

Дури 35 отсто од граѓаните во Македонија си плаќаат од својот џеб за здравствените услуги, односно се лекуваат во приватните болници во државата, изјави денеска д-р Шабан Мехмети, директор на Институтот за јавно здравје, а во пресрет на Светскиот ден на здравјето, 7. Април.

Годинава тој се одбележува под мотото „Универзалната здравствена покриеност е можна, ајде да го направиме тоа“. Во светот, најмалку половина од луѓето не ги добиваат неопходните здравствени услуги, а околу 100 милиони луѓе секоја година се втурнати во екстремна сиромаштија поради трошењето сопствени средства за лекување.

Повеќе од 800 милиони луѓе, што е речиси 12 отсто од светската популација, трошат најмалку 10 отсто од своите домашни буџети за здравствени трошоци.

Во врска со тоа дека голем број граѓани, дури третина од населението во земјава се лекува приватно, д-р Мехмети појаснува:

– Имаме три големи приватни болници во земјата. Прашањето е зошто третина од граѓаните оди да се лекува приватно? Дали е поради капацитетите, кадарот, достапноста? Но да нагласиме дека Фондот за здравство плаќа за дел од услугите, како за кардиохирургија и за ин витро оплодување во приватните болници. Има добра покриеност во примарното здравство за сите граѓани, а слаба достапност до здравствени услуги имаат жителите од оддалечените села во неколку региони.

Тој додаде дека Министерството за здравство треба да направи евалуација на здравствениот систем, за колку време граѓаните ги добиваат услугите, како и проценка за структура на кадарот, просторот и опремата во јавното здравство.

Податоците за тоа дека третина се лекуваат на приватно се од Организацијата ЕСЕ и се однесуваат на 2017 година.

Од ИЈЗ немаа конкретен одговор кои се слабите точки во однос на покриеноста на нашето население со здравствени услуги.

Во земјава нема и друг клучен податок – колку родилки починале за време и неколку дена по породувањето, а последната бројка што ја имаме е дури од пред шест години.

Проф. д-р Елена Ќосевска, раководителка во ИЈЗ, изјави дека според СЗО, постојат 16 основни здравствени услуги во 4 категории кои се показатели за ниво и еднаквоста на покриеноста во земјите.

– Се подобруваме во некои сегменти, како намалување на заболени од туберкулоза, хепатитис и други заразни заболувања, како и во превенција од маларија, а послаби сме во откажување од пушењето, на пример. Исто така, помал е бројот на бремени жени кои во првите 3 месеци посетиле гинеколог, околу 45 отсто од бремените отишле на преглед, иако во првото тримесечје е најважна посетата на гинеколог. Од Заводот за статистика немаме нови податоци за стапка на смртноста на родилки, последниот е од 2013 година кога имало 4 починати родилки на 100.000 живородени деца – изјави д-р Ќосевска.

Таа додаде дека кај нас е уште висока и доенечката смртност, иако има намалување во последниве години, но смртноста на бебињата во земјава уште е двојно повисока од таа во ЕУ. А кај децата до 5 години, смртноста изнесува 13 починати на илјада деца. Процентот на недоносени бебиња со родилна тежина помала од 2.500 грама изнесува 7 до 8 отсто.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...