Некој изгледа не им кажа дека темата е брегзит. Или не им беше гајле или им здодеа од брегзит или си рекоа ова нема крај па ајде ние малку да ја живнеме работата оти овие како тргнале ќе испозаспијат или …..дај сега кога лабуристот Питер Кајл зборува нешто. А да бидеме искрени, од оваа дистанца од два дена, и да им зависи животот на пратениците за што зборуваше многу почитуваниот Питер Кајл, нема да можат да се сетат. И стенографката која вредно куцка кој што вели, нема поим и ќе мора да врати од куцканото назад да прочита, оти каде би и’ бил крајот ако памти сѐ што кажуваат пратениците, скраја да е, главно со денови, недели и месеци за брегзитот се вртат во круг…. туку и јас да не ја вртам многу работата и да преминам на главното- во парламентот имаше – голи газиња! И по некое голо цице! Или две! Ама газињата беа главни!
Хипстери и Бетмени
Дузината демонстранти од галеријата посетители кои ја следеа расправата во парламентот, се разбира облечени, станаа и се расоблекоа по долна облека. Мажите главно по гаќи, а жените главно по танга ( за воља на вистината, имаше и еден маж во танга и таа слика уште долго ќе ме прогонува) и ги залепија задниците на стаклото кое ја раздвојува галеријата од салата на долниот дом на британскиот парламент. И останаа така залепени. Стаклото, инаку е непробојно и нескршливо и отпорно на бомби и беше поставено во 2004 година, кога двајца активисти на „Татковци за правда” го попрскаа тогашниот премиер Тони Блер со кондоми полни со лилјакова прашкаста материја, за да го свртат вниманието на правата на разведените татковци со нивните деца. (Инаку, овие мажи кога протестират не се соблекуваат ами си се качуваат на повисоки места, облечени како Бетмени.)
Но да се вратиме на разголените од некни. Ако мислите дека почитуваниот Питер Кајл престана да зборува, се лажете. Додека хипстерите испраќаа бакнежи, ги триеја газињата на стаклото и покажуваа со прстите пораки за мир, Питер Кајл продолжи да говори. Низ салата сепак се слушнаа доволно мрморења за спикерот на парламентот Џон Беркоу, да го крене погледот кон горенаредените газиња, да ги погедне и пратениците од кои најголемиот дел „си ја гледаа работата” и мртов ладен да рече – „предлагам да продолжиме”. И – продолжија. Камерата, ах таа безобразна камера, успеа да „фати” некои од парламентарците кои не издржаа како ѕиркаат кон „голтарите”, некои обидувајќи се да го прават тоа дискретно, други помалку дискретно, а трети – како да не виделе голи луѓе во парламент! Или воопшто! А потоа стапи на сцена познатиот британски хумор. Додека безбедносните служби нежно „ги одлепуваа” демонстрантите од стаклото, еден по еден парламентаците во своите говори почнаа да ја спомнуват „голата вистина” и „разголувањето на фактите”, и велеа дека „умно јагне од две мајки цица “, како и дека е време да „се седне на задник и да се загрее столот” а младите да бидат „задоени” од духот на демократијата на овој дом и така натаму и така натаму сѐ во тој стил додека и последниот „голтар” не беше изваден од галеријата за посетители. Вакви такви, ама само тие и само тука.
Брегзит на средина
Реков од поодамна дека Брегзитот е како симфонија на Чајковски ( само што мислите дека музичарите завршиле, кога тоа, еве ги, пак со големо финале, и не е сигурно дека тоа е тоа и дека тоа е крајот). Само да потсетам дека во меѓувреме животот тече, потрошувачката на апчиња за смирување е зголемена за 70 проценти, на Арсенал му оди сѐ подобро ( јееееее) а парламентарците и понатаму продолжуваат да гласаат „не” на се што ќе им биде предложено во долниот дом на парламентот на Велика Британија и Северна Ирска. А рокот за главечко излегување од Европската Унија е сѐ поблиску, ене каде е средината на мај ѝ , реков јас ќе смисли нешто Меј за во Мај… Британската премиерка излезе по седум часовна седница на владата и рече дека смислиле – да се состанат со опозицијата, односно со Џереми Корбин и заеднички да решат што и како! На здравје! До вчера се расправаа и си велеа еден на друг како не знаат и не ги бива, ама сега со заеднички сили ќе треба да ја извадат земјата од работ на уставната и секаква друга криза !?! Е тоа ако не ги реши работите, сега во минута до 12, не знам што! Ама ајде, да го видиме и ова…
Светските медиуми се распишани за британските состојби. Њујорк тајмс цитира извори дека француската министерка за европски прашања Натали Луазо има проблеми со Брегзит. (Имајте трпение лектори, не ми ја менувајте големата буква на овој Брегзит, се работи за име.) Таа дала изјава за Журнал ду Димонш дека зела маче. И му дала име Брегзит. И го одбрала името затоа што, цитирам „тој , ( мачето е машко) ме буди секое утро мјаукајки до смрт зашто сака да излезе надвор, ама кога ќе ја отворам вратат стои на средина, нерешително стои на средина. И потоа ми упатува лош поглед кога ќе го извадам надвор”.