Пилотска грешка, моторот откажал или нешто друго? Зошто се урнал авионот кај Скопје во кого загина четиричленото семејство од Бугарија?
Македонските власти го истражуваат инцидентот, но веќе се појавија и првите верзии за трагедијата, пренесува „днес.бг“.
Главниот асистент за безбедност во лет на Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров коментирал оти ниту една верзија не може да се исклучи од сценариото. Според неговите зборови, во вакви ситуации се истражуваат пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови.
– Забрането е да се оди во такви облаци во овој тип на авиони. Облаци кои имаат силна турбуленција со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, протокот е толку голем што може да доведе до колапс на авионот и уништување во воздухот – објаснил Петров.
Тој додал оти Георги Бошнаков имал аматерска лиценца за да пилотира мали авиони, кои му дозволуваат да го вози семејството.
Според експертот за авијација, Ангел Борисов, местото на несреќата е многу тешко за летање. Теренот, според него, е многу опасен и не треба да се излегува од маршрутата. Експертот смета оти покрај лошото време, можно е да се работи и за пилотска грешка. Може да станува збор, вели, и за откажување на моторот.
Борисов смета оти можеби пилотот ја потценил ситуацијата.
– Потврдено е дека регистрацијата на авионот е германска. Имаме информации дека е со бугарска лиценца – искоментирал Борисов.
Екипи на МВР и на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) заедно со јавен обвинител во моментов вршат увид на местото на авионската несреќа
ФОТО: Принтскрин