Ни најмалку не изненадува дека и во оваа изборна кампања, како и на сите претходни избори во Македонија, претседателските кандидати истапуваат со душогрижнички изјави за еден од најгорливите проблеми во земјата – емиграцијата на младите. Но и овојпат ништо поконкретно не може да се слушне на каков начин да се пристапи кон спречување на натамошната депопулација на земјата, во услови кога масовното иселување воопшто не се ни регистрира статистички на соодветен начин.
Македонија според некои податоци е единствената европска земја која нема спроведено попис на населението речиси две децении. Тој факт постојано се наметнува како важно прашање, пред сè, кога се има предвид континуираното иселување на младите од земјата. И уште повеќе добива во значење кога во една поширока перспектива се зборува за актуелниот тренд означен како најголемо намалување на населението во Источна Европа во модерната историја.
Европскиот континент насекаде е зафатен со процес на стареење на населението. А кога станува збор за обновување, Европа всушност не се ни обновува со нови генерации Европејци, туку намалувањето на наталитетот се надоместува со прифаќање на големи бројки мигранти од Блискиот Исток, Азија и Африка. Бројот на умрени што го надминува бројот на новородени е веќе стварност во Европа. Во 2015 година ЕУ за првпат забележа негативен прираст на населението, кога во текот на споменатата година се родиле 5,1 милиони бебиња, додека 5,2 милиони жители на ЕУ починале. Бројките се од Евростат, кој го пребројува европското население од 1961 година.
Во споменатата 2015-та година, кога се случува пресврт во демографскиот развој на европското домашно население во негативна насока, најниска стапка на природен прираст во ЕУ имале Италија и Ирска (8 и 8,3 на 1.000 жители). Истовремено, според податоците што се објавени и од страна на шведскиот владин институт ДЕЛМИ (Делегација за миграции), нешто повисоки стапки се забележани кај источноевропските земји, но и кај балканските. Интересно е дека Македонија на истата табела имала една од највисоките стапки на природен прираст од сите балкански земји (11,1), додека Србија имала 9,3, Бугарија 9,2, Хрватска 8,9, а Грција 8,5.
Но дополнителен проблем е во тоа што помладото население од источноевропските земји во транзиција се иселуваат во развиените земји, а со што уште повеќе се смалуваат можностите за запирање на процесот на стареење. Директна последица од иселувањето на помладото население и на ниските стапки на наталитетот е нарушување на старосната структура на севкупната популација на земјата. Но и западниот дел на континетот е сè постар, така што се проценува дека просечната старост на Европејците до 2050 година ќе биде околу 50 години (за разлика од 43, колку што е сега).
Интересно е дека и покрај масовното иселување, земјите од Источна и Јужна Европа не сакаат мигранти. Според испитувањата на Евробарометар, 63 отсто од Грците и Унгарците, и 52 отсто од Бугарите, сметаат дека доселувањето на мигранти во нивните земји претставува проблем, за разлика, на пример, од Шведска и Холандија, каде што 19 односно 26 отсто од населението имаат негативен став кон мигрантите и нивното влијание на состојбите во општеството.
А во Македонија, како што деновиве беше објавено во медиумите, поради сѐ помасовното иселување и ниските плати, компаниите, особено во Пелагонискиот регион, се соочуваат со голем недостиг на работна рака. Решението на проблемот се гледа во државна парична помош при обуки за квалификувани работници, но и во увоз на работна рака од странство. Иако не е конкретно речено од кои држави би доаѓале „потенцијални работници“, како што ги нарекува премиерот Заев, да работат во Македонија. Доколку, се разбира, Македонија во промотивна смисла на своите компаративни предности би можела да има некаква посериозна конкурентност во регионот со своите ниски просечни плати.
Сосема е извесно дека остарената Европа ќе продолжи да ги дочекува мигрантите. Наталитетот не е паднат само во земји со економски проблеми, како на пример во Грција, туку и во земји како Норвешка кои без никакви пречки минаа низ финансиската криза. На најширок план гледано, доколку во ЕУ целосно би биле запрени миграциите однадвор, населението, според прогнозите на Евростат, до 2080 година би се намалило на 408 милиони жители, значи, за околу 100 милиони помалку од бројот на жители што моментно живеат на подрачјето на Унијата. Под такви претпоставки би се намалило населението во речиси сите земји-члнеки. Според најцрното сценарио, Германија, Италија и Грција би изгубиле над 35 проценти од своето население, а Бугарија и Хрватска околу 30 проценти.
Во Македонија стотици илјади иселени во последните години сигурно оставиле силни траги во демографското празнење. Во меѓувреме, додека се очекува најавениот попис идната година, може само да се претпоставува дали најавеното попишување ќе биде јасна потврда и за засилениот процес на стареење на македонското население. А, како што се планира, податоци за евидентирање на отселените граѓани ќе се користат и од нивни роднини во земјата, бидејќи се ретки тие што го регистрираат своето иселување кај надлежните органи.
Во ерата на сеприсутна дигитализација, македонските попишувачи ќе користат и еден добро испробан метод на „усно испрашување“. Следствено на тоа, за анализа на демографскиот развој на населението веројатно од полза ќе бидат и податоците присобрани од дементни старци, кои во испустените села и полупразните градови во внатрешноста ќе се обидат да се потсетат и кажат некој збор за младите што веќе со години назназад „испаруваат“ – пред нивните очи.