ОБНОВЕНО Семејство од Бугарија загина во авионска несреќа кај Солунска Глава

Станува збор за Ѓорѓи и Калина Бошњакови и нивните ќерки на возраст од 14 и 18 години.

1450

Малиот авион од типот „цесна П210Н“ кој попладнево беше изгубен од радарскиот систем се урнал кај Солунска Глава, каде и исчезнал од системот. Остатоците од авионот се пронајдени, како и телата на четирите патници – бугарски државјани, информираат за МИА од Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Остатоците од авионот ги лоцирале хеликоптери и спасувачки екипи од МВР. Авионот сообраќал на релација Охрид – Софија.

Претходно, директорот и претседател на УО на М-НАВ, Николче Тасески во изјава за МИА информираше дека воздухопловот попладнево во 16:16 часот е изгубен од радарскиот систем на контролата за летање. Контактот бил изгубен западно од Солунска Глава. Два полициски хеликоптери беа во потрага на изгубената „цесна“.

– Во 16:16 часот изгубен е контакт со мал воздухоплов тип „цесна П210Н“ кој летал од Охрид за Софија. Поради лошите временски услови пилотот одлучил да слета во Скопје, а по кратко време побарал дозвола да породолжи за Софија – рече Тасески.

Тој додаде дека пред да го снема воздухопловот од радар пилотот пријавил дека има силни турбуленции. 

Со пронаоѓањето на остатоците од авионот, како што информираат од АЦВ, завршува акцијата за трагање и спасување. Сите активности ги презема КИНСИВ – Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Од АЦВ се должни за несреќата да ги информираат државите на производство на авионот, на регистар, како и сопственикот на воздухопловот.

ОБНОВЕНО Татко, мајка и нивните две ќерки загинаа при падот на „цесната“ на Солунска Глава. Станува збор за Ѓорѓи и Калина Бошњакови и нивните ќерки на возраст од 14 и 18 години.

Ѓорѓи Бошњаков работел како шеф на одделот за имплементација и одржување на информатичка технологија во Агенцијата за регистрација во Софија.

– Авионот „цесна“ за кој во 16:16 часот од М-НАВ беше пријавено дека се изгубил од радар, а полетал од Охрид за Софија од припадници на МВР е пронајден нешто по 19 часот на околу пет километри северозападно од Солунска Глава – информира вечерва на прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Тој рече дека од Охрид полетале четири лица, државјани на Република Бугарија, меѓу кои и едно малолетно лице.

– Лоцирани се преку воздушен простор. Временските услови на локацијата се лоши, па и покрај сите обиди да се пристапи до локацијата, тоа засега е невозможно поради непристапен терен. Се прават обиди во најскоро можно време да се дојде и физички до авионот – рече Ангеловски.

Загинатите лица се родени  2000, 2005, 1970 и 1972 година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...