Благоја Милевски старо-нов селектор на македонската репрезентација до 21 година

68

Поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Благоја Милевски денеска во „Куќата на фудбалот“ официјално се врати на поранешната позиција.

По нешто помалку од една година, Милевски  повторно ќе ја предводи нашата млада селекција до 21 година.

Под негово водство македонската репрезентација го оствари историскиот успех со пласманот на Европското првенство во Полска 2017 година.

– Ми претставува чест и задоволство што ФФМ изрази желба да соработуваме повторно. Се надевам дека ќе имаме успешна соработка во иднина. Се наоѓаме пред предизвик. Имаме тешка група во која Шпанија е фаворит, но група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Професионалноста пред се ќе ја одликува оваа селекција, тие што ќе се прилагодат на тој начин ќе бидат дел од тимот. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите добија подеднакво шанса. Задоволен сум од тоа што го видов, без оглед на резултатите, задоволен сум како игравме, рече Милевски на денешната прес-конференција.

Тој соопшти дека целта е пласман на Европско првенство.

– Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме сѐ ако ни се укаже шанса. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18 во составот, додаде Милевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...