Заштитата на животната средина за Република Северна Македонија, а особено за Град Скопје, претставува едно огромно поле на кое постојат многу отворени можности за соработка, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во обраќањето на бизнис-форумот меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република кој се оддржува во Скопје.
– Ме радува фактот што голем број чешки компании покажуваат интерес да инвестираат во Скопје. Тоа е добра појдовна точка и можност за градење нови стратешки партнерства во делот на решенијата за транспортот и транспортната инфраструктура, управувањето со отпадот, управувањето со водните ресурси, еколошките заштитни технологии и слично. Како градоначалник, со градската администрација стоиме на располагање на сите заинтересирани компании да ги обезбедиме сите потребни услови за поблиско и подетално запознавање со можностите за соработка во сферите од заеднички интерес и за чешките компании и за граѓаните за кои работиме – рече денеска Шилегов.
Тој додаде дека во работниот дел на овој форум ќе се отворат многу нови можности за сите и нагласи дека потенцијалот за идна соработка е толку голем што не остава простор за ништо друго освен за успех. Шилегов се заблагодари на амбасадата на Чешката Република и на амбасадорот Мирослав Томан за можноста да учествува на овој форум, како и на Сојузот на стопански комори на Македонија и Конфедерацијата на индустрија на Чешка.