Заедно со Грција ќе ги лекуваме Итната помош, заразните болести, ракот на дојка

Главната цел на проектот е зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на здравството, преку размена на информации во унифицирани информациски системи. Во рамки на проектот предвидено е да се изврши набавка на опрема за скрининг на рак на дојка, да се спроведе едукација на здравствени работници.

616

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во Владата на Република Северна Македонија оствари средба со грчкиот министер за здравство Андреас Ксантос, во рамки на официјалната посета на Премиерот на Република Грција Алексис Ципрас на нашата држава.

На средбата, двајцата министри разговараа за зајакнување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција во областа на здравствениот сектор преку поттикнување на обуки, научни програми и размени на Универзитетите, болниците и другите здравствени установи, информираа од Министерството за здравство. 

Областите од заеднички интерес за размена на знаења и за спроведување на проекти се:

– Мобилизирање на структурните фондови на Европската Унија, особено средства од Интеррег, за спроведување на прекугранични проекти во здравствениот сектор;

– Обезбедување експертиза во областа на менталното здравје (деинституционализација, служби за ментално здравје во заедницата, психосоцијална и професионална рехабилитација) и зависност од дрога (превенција, супституциона терапија, таканаречени “суви” програми и психосоцијална рехабилитација);

– Соработка во областите на заразните болести (особено на векторните болести) и прашања од јавното здравје, како и системот за Итна медицинска помош;

– Обезбедување на експертиза и техничка поддршка при обезбедување и менаџирање на крв наменета за трансфузија, вклучувајќи и серологија и молекуларно тестирање.

Министерот Филипче на средбата истакна дека со Република Грција досега имаме одлична соработка, која дополнително ќе ја унапредиме и зајакнеме со размена на искуства и знаења за да го зголемиме пристапот и квалитетот до услугите во здравството, како и да развиеме проекти особено за меѓуграничка соработка.

Моментално, со Република Грција во рамки на ИПА меѓуграничната соработка се одвива проектот „Унифициран информатички систем за размена на информации меѓу единиците во примарната здравствена заштита во меѓуграничниот регион, HEALTH INFO. Главната цел на проектот е зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на здравството, преку размена на информации во унифицирани информациски системи. Во рамки на проектот предвидено е да се изврши набавка на опрема за скрининг на рак на дојка, да се спроведе едукација на здравствени работници, да се врши скрининг за рак на дојка и да се воспостави заедничка е-платформа заради размена на информации за прекуграничните здравствени ресурси.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...