Меѓаши до Шекеринска: Треба ли учениците да ги величаат злосторниците на НАТО?

675

Обид за манипулација и индоктринација на деца од основните и средните училишта во Македонија и промоција на воени теми и идеи, е конкурсот за творби за светското одбележување на 70 годишнината од формирањето на НАТО, реагира Првата детска амбасада во светот Меѓаши, откако Министерството за одбрана објави конкурс за најдобар есеј „НАТО и јас“. За нив спорна е и возраста на децата, особено најмалите бидејќи конкурсот е наменет за деца на возраст од 4 до 17 години.

– Остро реагираме на активноста на „ГАУС институт – фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење“ на последната активност за одбележување на годишнината на НАТО алијансата во основните и средните училишта. Формата е класичен начин на одбележување на годишнина преку раскази, есеи и цртежи каде се дава можност дури и за критики, но сепак забележлив е позитивниот контекст кој се дава на НАТО алијансата и одбележување на годишнината – стои во соопштението.

Од таму додаваат дека цврсто веруваат и се залагаат за промоција на мирот и ненасилната трансформација на конфликти, воедно верувајќи дека свет без алијанси кои промовираат моќ, демонстрираат сила и сеат страв, би бил подостоен за живеење.

– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот фејсбук профил притоа непотенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или пак за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала Алијансата? Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или пак за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО било дел – реагира Меѓаши.

Првата детска амбасада во светот ги повикува и поттикнува учениците кои решиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со НАТО алијансaта, со сите негативни импликации, да ги согледаат последиците и да се обидат да ја почувствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства на есеите со кои ќе аплицираат. Бидејќи ние сме луѓе, а луѓето треба меѓусебно да се почитуваат, сакаат и разбираат.

– Апелираме на внимателно и промислено однесување на политичките партии на власт и поставување на теми кои ќе промовираат соживот и позитивни вредности кај децата и младите без присуство на воени структури и воени дејствија – соопшти Меѓаши.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...