Балетанот Марко Мицов ја доби наградата МЕНАДА за млад уметник од областа на танцот, која се доделува за прв пат во рамки на јубилејното 15-годишно издание на фестивалот Танц фест.
Наградата МЕНАДА за млад уметник од областа на танцот е признание и поттик за младите уметници во нивната понатамошната работа. За таа цел, Танц фест оформи комисија, во која членуваа Емилија Џипунова (балетски уметник и критичар), Биљана Илиќ Героска (главен и одговерен уредник на Плусинфо) и Сотир Трајков (новинар за култура во ТВ Телма и театарски критичар). Комисијата во изминатава година ја следеше работата на младите уметници од областа на танцот, кои делуваат тука и надвор.
По разледување на севкупната состојба и согледувањето на можните кандидати за добивање на првата ваква награда, комисијата едногласно ја донесе одлуката наградата МЕНАДА за млад уметник во 2019 година, која за прв пат се врачува на јубилејното издание на Танц фест да ја добие младиот уметник Марко Мицов, кој живее и работи во САД, каде што остварува завидна кариера.
Марко Мицов завршил балетско образование под раководство на Соња Здравкова Џепаровска во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Како учесник на меѓународниот балетски натпревар „Миа Чорак Славенска“ во Загреб добил специјална награда и целосна стипендија за летната школа на Миланска скала во Вис, Хрватска. На возраст од седумнаесет години, Мицов патувал со Мадридскиот балет, на покана на уметничкиот директор на ХНК од Загреб, на турнеја во Мексико. Во 2011 година Марко добил целосна стипендија за летната школа на „Мистик балет“ во Конектикат, компанија со која ќе има можност да настапи на престижниот Џајкопс Пилоу фестивал и на АПАП Здружението на професионални изведувачки уметници во Њујорк. Во 2012 година, Мицов на покана на легендарната Гелси Киркленд, се приклучил кон трупата на Киркленд во Њујорк и неговите настапи се забележани од публиката и критиката, па за него се пишуваат во „Њујрк тајмс“, „Хафингтон пост“, „Балет фокус“ и други.
Во 2015 и 2016 година како гостин уметник ја извел улогата на Оберон во „Сон на летната ноќ“, во кореографија на Филис Папа, со балетот на Атлантик сити. Улогата на Дон Хозе во балетот „Кармен“ ја извел со Националниот балет на Вирџинија, во кореографија на Рафик Кехап. Во 2016 година Мицов се придружил на Балетот од Сан Антонио, како член на ансамблот, но веќе во 2018 година, тој е промовиран во солист. Оттогаш настапува во различни први улоги со компанијата вклучувајќи ги „Трибјут“ на Фредерик Франклин и „Убавицата и ѕверот“ на Брус Велс, „Круг на ангелите“ на Гералт Арпино, „Кармен“ на Јосвани Кортелан и како солист настапува во извонредната претстава „Рубините“ на Џорџ Баланшин.
Мицов играл улоги во „Болеро“ и „Елементи“ на Вили Шивас, го играл Сигфрид во „Лебедово Езеро“, Франз во „Копелија“, Дезире во „Заспаната убавица“, Принц во „Оревокршачка“ и други.
Марко Мицов беше автор 2018 година на националната порака за танц во 2018 година по повод Денот на танцот кој се одбележува секоја година во организација на ИТИ центарот.