Проектите за подобрување на квалитетот на живот во селата добија владина поддршка

115

Владата денеска на седница ја усвои информацијата за поддршка на инфраструктурните проекти финансирани од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.

Како што соопшти владината прес-служба, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе ја реализира исплатата на проектите одобрени на јавниот повик за 2018 година кои предвидуваат подобрување на квалитетот на животот во руралните средини за инвестиции во локалната патна инфраструктура, вклучително и мостови, за водоснабдителни и канализациони системи и за изградба и за модернизација на објекти на пазари за земјоделски производи, како и за објекти за домови за деца и млади и домови на култура. Програмата за финансиска поддршка на рурален развој опфаќа и проекти за обнова и развој на селата, како и проекти за зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја.

Владата ја усвои и информацијата за реализација на проектот „Надградба на објектите за царинење и инспекциски органи на граничниот премин Ќафасан“, што ќе се финансира од програмата ИПА и од државниот Буџет – 1,48 милион евра се грант и над 300.000 евра од буџетот.

На оваа седница усвоена е и информацијата за напредокот во имплементацијата на Проектот за подобрување на општинските услуги заклучно со јануари годинава.

Владата ја донесе и одлуката за одобрување на средства во висина од 100 милиони денари од Буџетот наменети за првиот дел од кампањата за претседателските избори на барање на Државната изборна комисија.

Министрите го усвоија и Националниот оперативен бродбенд план за пристап до побрзи и подобри интернет услуги согласно стандардите на ЕУ кој предвидува до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2029 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

„Имајќи ги предвид овие ЕУ критериуми, како и идните најавени инвестиции на операторите во следните три години, националните бродбенд таргети за Република Северна Македонија утврдуваат дека до крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата, ќе мора да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал. Во Националниот Оперативен Бродбенд План е испланирано дека до крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и дека до крајот на 2029 година, секој граѓанин на нашата земја ќе има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps. До крајот на 2029 година најмалку 50 проценти од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps, сите домаќинства ќе имаат можност за пристап до мрежа која овозможува брзина за download од најмалку 100 Mbps со можност за надградба на гигабитна брзина по прифатливи цени и дека сите јавни институции (училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни установи здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела), ќе имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1Gbps.“, соопштија од владината прес-служба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...