Во пресрет на утрешната посета на Скопје, првпат во интервју за медиум од Северна Македонија, премиерот на Грција, Алексис Ципрас за МИА ги отвора картите за претстојните разговори со неговиот колега Зоран Заев и делегациите од двете земји и идните планови за соработка, а говори и за важноста на Договорот од Преспа.
Во интервјуто тој кажува и каде ја чува вратоврската што му ја даде Заев на потпишувањето на Договорот, како и кога ќе ја стави.
– Немам некое табу, но моето јавно појавување, веќе е врежано без вратоврска. Сепак, имам богата колекција од вратоврски што ми ги подарија низа лидери, меѓу кои и Зоран. Вратоврската на Зоран не ми е во плакарот, туку во фиоката од моето биро, за да ме потсетува на историскиот момент, на храбриот чекор напред за пријателство и соработка на нашите народи, што беше потпишувањето на Договорот од Преспа – вели Ципрас.
Постоеше некој момент што би можеле да го карактеризирате како особено тежок или критичен?
-Сметам дека поминавме многу критични моменти. Особено последните денови пред да го затвориме договорот, каде што постоеја критични нерешени прашања со кои требаше деликатно управување. Но, ова помогна едната страна да ги разбере чувствителностите на другата страна и да најдеме решенија.
Заедно со Вашиот колега Заев, бевте наградени на Безбедносната конференција во Минхен, кандидати сте за Нобеловата награда за мир, факти што го означуваат и меѓународното признание на Договорот од Преспа. Верувате дека договорот ќе помогне да се решат и другите прашања на Балканот, регион што често се карактеризира како „буре барут“ во Европа?
-Не сметам дека Договорот од Преспа, таков каков што е, мора да биде модел за другите спорови, што имаат свои карактеристики, други ризици и се однесуваат на други геополитички рамки. Но, сметам дека смислата на заемното почитување и барање на заемно прифатливо решение, на кое што се базира договорот, треба да биде основа за решавање на меѓународните разлики. Јасно, со договорот се создава една динамика во нашиот регион и да се надеваме овој договор дека ќе може да помогне во други меѓународни прашања.
Која е пораката што би сакале да ја испратите до народот од Северна Македонија во пресрет на вашата посета?
-Пораката е јасна дека треба да изградиме доверба меѓу нас, а Северна Македонија да гледа напред. На нашиот регион потребна му е соработка и стабилност. Грција треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Северна Македонија има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.
Во рамки на Договорот од Преспа и перспективите што ги отвора, Грција ќе биде вашиот основен сојузник и заштитник за политичката стабилност, за економската соработка и развој, за воената соработка и безбедност.