Спорт, култура, традиција и ред во градот, ова се трите точки на кои кандидатот за градоначалник на ГДУ, Михаил Трендафолов – Нанче, ќе посвети најголемо внимание во кампањата која ја почна денеска во градскиот парк во Охрид, пред спомениците на охридските великани Христо Узунов и Методија Патчев.
Тој, како што најави ГДУ, особен акцент би ставил на спречување на отселувањето на младите од градот преку конкретни мерки, заживување на селото и како една од главните точки на работа би била ставањето крај на дивеењето во урбаната свера и владеењето на редот и поредокот на локално ниво.
Во присуство на бројни граѓани од Охрид кандидатот за градоначалник на Охрид – Михаил Трендафилов – Нанче ја образложи своја визија и мисија за Охрид.
Во своето обраќање Трендафилов – Нанче ги изложи своите гледишта околу темите кои се горлив проблем за Охридѓани како што се: белата чума која владее во градот, т.е. се поголемиот јаз помеѓу стапката на морталитет и наталитет, се поголемиот и масовен одлив на локалното население од градот, се поголемата бесперспективност во градот и потрагата на младите по подобар живот во странство, како и безидејноста и хаосот кој владее во урбанистичката свера во Охрид.
„Особено беше потенцирана потребата од што поголема потреба градскиот татко да стави крај на урбаното дивеење во градот и согласно напатствијата на УНЕСКО да се гради градот во една урбанистичка и природна хармонија без притоа да се нарушуваат основните начела на етиката и без можност да се изгуби сјајот на Охрид, а со тоа и евентуалното губење на статусот Град на УНЕСКО“, информира ГДУ.
Кандидатот за градоначалник Михаил Трендафилов – Нанче особено ја истакна, вели ГДУ, и неспособноста на досегашното дуо на власт помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на погубните политики во Охрид особено во сферата на корупцијата, крадењето народни пари, безидејноста како и неможноста да се одржат комуналните стандарди во Општината.
Тој, исто така истакна дека водењето на општина како Охрид не се заснова само на „шминкање“ на кејот и ривиерата, туку треба и да се потенцира развојот на селата во охридскиот крај преку обезбедување на комунални решенија за селата со што животот би се направил полесен и подостапен.
Тој додаде дека е потребен организиран откуп на земјоделските производи кои ги произведуваат охридските земјоделци.