Ердоган: Народот по 15-ти пат нѐ направи победници на изборите во Турција

145
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа во Анкара изјави дека владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) е победник на локалните избори во земјата, јави агенцијата Анадолија.

– Нашиот народ по 15-ти пат нѐ направи победници на изборите во Турција – рече Ердоган во традиционалното постизборно обраќање од балконот на зградата на АКП во Анкара.

Тој изјави дека владејачката АКП самостојно или со Народната алијанса, според досегашните прелиминарни резултати, освоила 778 градоначалнички места, вклучувајќи 16 метрополи, 24 провинции, 538 дистрикти и 200 области.

– Народната алијанса на локалните избори денеска оствари приближен резултат како на општите избори во јуни минатата година. Резултатот од изборите покажува дека АКПартија ќе управува со 56 отсто општини во нашата земја – рече Ердоган.

Ердоган истакна дека Турција во наредниот период ќе биде фокусирана на националните и меѓународните прашања.

– Во наредните 4,5 години нема да има избори. Што ќе правиме? Ќе се фокусираме на активности, како на национален, така и на меѓународен план, ќе бидеме обединети, и ако даде Господ, нашата земја ќе ја донесеме на ниво на современа цивилизација – рече Ердоган.

Турскиот претседател додаде дека никој, вклучувајќи го и него лично, не е поважен од Турција, АКП и нејзината мисија.

Кандидатот на Партијата за правда и развој за градоначалник на Истанбул Бинали Јилдирим синоќа истакна дека победи на локалните избори во Истанбул, јави Анадолија.

– Победивме на изборите во Истанбул – рече Јилдирим во своето обраќање во градското седиште на АКП во Истанбул и им се заблагодари на жителите на Истанбул.

Тој посака овие резултати да бидат за доброто на Истанбул и за Турција.

– Се надеваме дека Истанбул ќе го претвориме во град каде 15 милиони жители ќе живеат среќни и мирни – нагласи Јилдирим.

Претседателот на турската Партија на националистичкото движење (МХП) Девлет Бахчели, чија партија на вчерашните локални избори учествуваше во рамките на Народната алијанса, заедно со владејачката АКП, изјави дека Народната алијанса одлучно ќе продолжи да се движи по својот пат.

Бахчели во обраќањето во Анкара рече дека терористичките организации и сите оние кои на различни начини се обиделе да ја урнат турската економија, останале очајни пред волјата на турскиот народ и добиле одговор што го заслужиле.

Во исто време, кандидатот за градоначалник на Анкара на главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) изјави дека правдата била задоволена.

– Ние ќе го прифатиме овој град (Анкара) без понатамошна дискриминација – рече Мансур Јаваш по изборите.

– Победници ќе бидат жителите на Анкара. Победникот е нашата демократија и сите други политички партии – рече тој.

Според неофицијални резултати, Јаваш води со 50,62 отсто од гласовите во Анкара.

Досегашните резултати покажуваат дека опозицијата победила, меѓу другото, и во Измир и Чанаккале.

Владејачката партија соопшти дека ќе се спротивстави на „неважечките гласови и неправилности“ во главниот град Анкара за време на локалните избори.

– Најдовме неважечки гласови и неправилности во повеќето од 12.158 избирачки места во Анкара – изјави Фатих Шахин, генерален секретар на Партијата за правда и развој.

– Ќе ги искористиме нашите легитимни законски права и нема да дозволиме волјата на нашите граѓани да биде променета во Анкара – рече Шахин.

ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...