СДСМ треба да одговори на прашањето чие е возилото „бентли“ со струмички регистерски ознаки кое што го следи лидерот на опозицијата, порача опозициската ВМРО-ДПМНЕ, oткако владејачката партија праша дали Мицкоски се сретнал со екс-премиерот, Никола Груевски во Будимпешта.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Мицкоски патувал во Виена со приватниот автомобил поради научни цели, но во близина на Будимпешта на враќање кон Скопје, неговото возило било следено од возило од марката „бентли“ со струмички регистерски таблички, кое било управувано од роднина на премиерот Зоран Заев.
Партијата бара СДСМ да одговори кој го управувал и кој издал наредба за да се следи и снима лидерот на опозицијата, како и која е целта на следењето и кој го финансира.
Во продолжение реакцијата од ВМРО – ДПМНЕ интегрално:
„СДСМ треба да одговори на прашањето чие е возилото бентли со струмички регистерски ознаки кое што го следи лидерот на опозицијата? Кој го управува и кој издал наредба за да се следи и снима лидерот на опозицијата? Која е целта на следењето и кој ја финансира оваа незаконска операција?
Како што наближува денот на гласање се поочигледен е стравот и паниката на Зоран Заев од неизбежниот изборен пораз. Затоа Заев и СДСМ се одлучуваат на вакви очајнички чекори. Инаку претседателот Мицкоски беше во еднодневна куса посета на главниот aвстриски град Виена, а самиот престој е од приватен карактер, поточно со оглед на тоа што Мицкоски воедно е и професор на високонаучна установа, причината за престојот е за научни цели.
Патувањето е со неговиот приватен автомобил, а низ Република Унгарија поминува исклучиво како транзитна дестинација. Вистината е дека во близината на Будимпешта (околу 40км после Будимпешта на враќање кон Скопје) неговото возило извесен период е следено од луксузно патничко возило од марката „бентли“ со струмички регистарски таблици, управувано од роднина на премиерот Зоран Заев “, велат од ВМРО-ДПМНЕ.