Кандидатите за претседател на Република Северна Македонија Блерим Река, Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски, денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.
Настанот го организира Државната изборна комисија врз основа на член 8-в од Изборниот законик.
Утре пак, на 1 април почнува кампањата за шестите претседателски избори.
Гордана Силјановска-Давкова е претседателски кандидадат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стево Пендаровски на СДСМ и коалицијата, а Блерим Река на Алијанса на Албанците и движењето Беса.
Блерим Река по потпишувањето на документот порача дека тројцата кандидати добро се познаваат и сите се колеги, универзитетски професори и затоа, како што рече, не очекува дека претседателската трка ќе биде трка за живот и смрт, туку ќе биде трка која можеби ќе отвори нова страница во изборната историја на Република Северна Македонија.
– Влегуваме во едно ново искушение за државата и мислам дека не е главно кој ќе победи, туку е важно резултатот да биде законски и регуларен и со тоа да обезбедиме датум за почеток на преговори со Европската унија – потенцира Река.
Тој им посака успех и на неговите двајца противкандидати и додаде дека ќе победи тој што е најдобар, но нагласи дека е најбитно што ќе се ги исполнат обврските од Кодексот што го потпишаа.
Гордана Силјановска Давкова посочи дека претстојните претседателски избори се исто толку важни, а можеби и поважни од правото и правда заради што, додаде, строго ќе се држат до нив.
– Соучесниците на изборите не ги сметам за непријатели, а нам жените не ни приличи да не ја почитуваме етиката. Иако сум жена очекувам витешка борба со аргументи, а не со византиски игри и се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните – рече Силјановска Давкова.
Стево Пендаровски посочи дека е добро што во Северна Македонија потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори конечно стана пракса што никој не ја спори.
-Иако сме биле сведоци на претходни изборни процеси во кои едно се потпишувало, а друго се правело во мое име, а убеден сум и во името на моите формални противкандидати, можам да гарантирам дека ова што денеска го потпишавме и практично ќе го спроведуваме на дело. Тоа значи обврска и за политичките структури и граѓаните кои ќе не поддржуваат. Немам никакви дилеми дека ние тројцата ќе направиме се да останеме во рамки на една демократска борба каква што доличи на една држава што е де-факто членка на НАТО и очекувам наскоро да стане и членка на ЕУ – рече Пендаровски.
Тој и поскака на целата држава успешни, фер, демократски и транспарентни избори за, како што рече, да можеме да напредуваме во интеграциите, а воедно им посака успех на неговите противкандидати во текот на изборната кампања и во изборниот ден.