Од изјавата на Министерот за здравство не е јасно дали стратегијата за болниците во помалите општини во државата е регионализација или јавно приватно партнерство. Доколку Министерството за здравство се залага за регионализација и затварање на болниците, Синдикатот на клинички центар е на мислење дека за тоа прашање треба да се консултираат граѓаните, соопшти денеска Синдикатот на клинички центар.
Поради несогласување на жителите од општината, во минатото не се оствари планот на Министерството за здравство за затварање на болницата во Крива Паланка.
Ако се планира болниците да се дадат во сопственост на приватни газди, како модел на јавно приватно партнерство за Синдикатот на клинички центар останува нејасно како тие ќе ги исполнат капацитетите на болниците и од каде ќе обезбедат здравствен персонал.
Дали се планира здравствениот персонал да се пополни на сметка на Универзитетските клиники во состав на Клинички центар и истите да станат недоволно конкурентни на таквите “јавно“ приватни болници.
Сакаме да истакнеме дека целта на јавното здравство не е остварување добивка, туку обезбедување на социјалниот мир. Богатството и убавината на нашето јавно здравство е правото на избор на доктор за сите осигуреници, додека истото е привилегија на мал број граѓани во приватното здравство. Истовремено, јавното здравство целосно гледано, сѐ уште ја нуди најквалитетната стручна услуга во државата.
Синдикатот на клинички центар смета дека јавно приватното партнерство, како долгорочен договор со превземени обврски и јасно дефинирани газди е штетен за државата, вработените во јавните здравствени установи, а сигурно најмногу за пациентите и граѓаните.
Во оваа прилика сакаме да Ве известиме дека поради почетокот на изборната кампања, согласно определбата, Синдикатот на клинички центар ќе ја прекине комуникацијата со јавноста и медиумите сѐ до завршување на изборниот процес,изјавија од Синдикатот.
Синдикат на Клинички центар