Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, на прашањата на ТВ 24 каде што беше гостин, зошто Општината набави „ауди“ од 67.000 евра за неговите потреби како градоначалник, во ситуација кога Струга е во долг од 4 милиони евра, без двоумење и срам даде вакви одговори:
– Оставете тоа, шкодата не е возило за мене ! Јас во шкода ли да се возам ? Ме личи ли мене во шкода ? Јас немам купено нова облека на сметка на општина Струга иако ми следува еднаш годишно да ја обновам облеката на сметка на општината. Зарем треба да одам како партал ? – рече Мерко во студиото.
Тој додаде дека Струга е одалечена скоро 200 км, а на едно доаѓање и враќање од Скопје до Сруга е 400 километри.
– Не е срамота градоначалник да седи по патишта? „Шкодата“ ќе оди со помала брзина. Јас увидов и се изгласа на Совет да земеме таква кола и тука нема проблем. За каков градоначалник ви се чинам јас? Да одам со фиќо? Во 2005 кога бев градоначалник користев „опел вектра“ од Општина Луково. Во 2006 дојде во посета на Струга тогашниот претседател на Србија, Тадиќ. Имаше делегации во возила како „ауди“ и „мерцедеси“, а јас со „опел вектра“. Не вреди градоначалник со скинати алишта и слаба кола. Не сум пишман за колата што ја купив, може требаше да земам уште поубаво возило – рече Мерко.
Додека се прикажуваа снимки од луксузното возило Мерко, пак, му се воодушевуваше:
„Погледнете колку е убаво“…