Се забранува движење во шума, но не важи за Водно и Гази Баба

154

Поради раширените шумски пожари, согласно со Законот за шумите  од денеска  се воведува забрана за движење во шума и шумско земјиште од 00 до 24 часот. Забраната ќе трае сê до нејзино отповикување, соопшти вечерва Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Физички лица кои нема да ја почитуваат забраната и ќе бидат затекнати како се движат во шума и шумско земјиште, ќе бидат парично казнети од 1.500 до 2.000 евра.

Забраната не важи за движење во парк-шумата Водно, Гази Баба како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Северна Македонија кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат / управуваат со шумите во придружба на нивни преставник.

Забраната не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (национални паркови, парк-шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл).

Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (национални паркови, парк шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл) кои вршат дејност заштита, МВР, Шумска полиција, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот инспекторат за животна средина и други инспекторати до слична надлежност.

МЗШВ ги информира сите граѓани дека се забранува палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште, како превентивна мерка за заштита на шумски пожари.

За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра за прекршок на физичко лице. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...