Да, имаат и кралица и целосно функционална демократија – до неодамна тоа го можеа само Британците. И да ја имаат фунтата и да се членка на ЕУ, дури и тоа им се можеше само на Британците. Сепак, во партијата „шахче“ со ЕУ и во оваа „лимбо“ фаза на брегзитот, ми личи дека ќе мора да се потпрат на кралицата. Попрецизно кажано, толку ја оплескаа со демократијата, што овој пат само кралицата Елизабета Втора лично, евентуално би можела да ја спаси Британија во ЕУ, или и Британија и ЕУ.
Причините се прозаични. Не останаа ни процедури, а ни можности за договори подобри од оние што ги имаа како полноправна членка, пред да се појави идејата за брегзитот. Затоа не знам дали Британците конечно ќе ѝ пишат на кралицата, и дали таа би имала ингеренции, да напише една повелба за Британија во ЕУ. Иста како оние повелби со кои одамна се формирани британските институции на кралството и Комонвелтот. Правилата на демократијата не предвиделе такво нешто, ама не го предвиделе ни излегувањето на Црна Гуја од една комедија на политичката сцена, а ни излегувањето на Британија од ЕУ.
Самоуништувачки одлуки
Но, зошто кралицата би се занимавала со демократијата? А кој друг, ако не кралицата откако парламентарците одбија да го чујат народот и одбија да ја чујат бизнис-заедницата. Тие не сакаат надвор од ЕУ, а ако воопшто се случи брегзитот, тоа сепак ќе биде некако „од ненамислено“, ако не и од тотална непромисленост. За три години Британците ги научија сите факти што им беа скриени во текот на ефектната победничка кампања за излез од ЕУ. И можеби е утопија да се бара помош од кралицата за спас на заведените поданици, затоа што кралицата официјално на ниту еден начин, одамна не се меша во прашањата за кои одлучува народот и народните избраници.
Од друга страна, мора да има механизам кралицата, овој пат по исклучок, да ги спаси Британците од самоуништувачките одлуки. Ако барем таа ги чуе и ако знае дека сега над 57 отсто Британци се за останување во ЕУ. Конечно, ако и премиерката Тереза Меј во замена за оставка, не може да ги спроведе решенијата за брегзитот, затоа што парламентарците на сите нејзини предлози гласаа со „не“, тогаш јасно е дека само кралицата, би можела да ја спаси и економијата и демократијата од механизмите на брегзитот што наликуваат на заглавени запченици што не се во интерес ниту на кралството ниту на Британците ниту на ЕУ.
Откако одново излегоа на улица, потпишаа иницијативи за нов референдум, за одложување на примената на членот 50, Британците се обратија и до Европа. Нивната иницијатива овој пат ја поздрави и копретседавачот со Советот на Европа Доналд Туск кој упати апел до европарламентарците да прифатат подолго продолжување на процедурите. Со тоа би ѝ дале можност на Британија одново да размисли, затоа што шест милиони ја потпишале петицијата, а еден милион граѓани излегле на улиците на Лондон. Нивната волја е јасна порака за сите европарламентарци затоа што тие граѓани се Европејци.
По овој повод, славниот победник на брегзитот, претставникот на УКИП Нејџел Фараж, го прашаа одново дали му е познато дека Британците го смениле мислењето, а тој подготвено одговори дека мнозинството еднаш веќе се изјаснило и таа волја мора да се почитува. Слаба изјава, споредена со онаа која остана како еден од најдобрите британски политички вицови на сите времиња. Пред три години кога го прашаа: „Што сега?“ – Фараж мирно и со смеење им одговори: „Не знам што сега. Не е мое да знам. Наше беше да победиме и победивме!“
И проблемот, оттогаш па досега, не е само во тоа што не го знаел Фараж тогаш. Во меѓувреме, сите стекнаа впечаток дека никој не знаел дека ЕУ ќе го стави на маса арсеналот од заштитни бариери и дека ќе престане да попушта. Ниту парламентарците кои ја обвинија Меј дека не знае, не покажаа дека знаат како, па така незнаењето од британскиот парламент се истркала директно до Европарламентот во Стразбур. Сега ни таму не се знае како и зошто Британија би учествувала на изборите за Европарламентот, а има обврска затоа што не излегла формално од ЕУ.
Може да се разминеме
ЕУ-координаторот за брегзитот Гаи Верховштад појасни дека би можело да се постигне договор за поблиски релации меѓу ЕУ и Британија, но ова би било полесно доколку Британците би знаеле што сакаат. Верхофштад му се обрати и на истиот Нејџел Фараж од изјавата со незнаењето од која почна се, и му кажа дека е изненаден што го гледа како се уште седи во Европскиот Парламент во Стразбур. Тој по три години само му ја повтори репликата кажана тогаш од претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер. А пред три години Фараж триумфално му порача на Јункер дека Британија брзо ќе излезе од ЕУ, па Верхофштад, за да го потсети му кажа: „Мислев дека ќе марширате со 200 милји по вашата кампања за брегзит? Колку поминавте? Две милји!?! Потоа Верхофштат го спореди Фараж со Маршалот Хејг од познатата комедија Црна Гуја кој си седи на топло, додека неговите луѓе мрзнат надвор на студот. Исто како што Фараж се уште си седи во европскиот парламент цели три години, додека Британците мрзнат и од самата помисла на ЕУ бариерите од секаков вид. Секој народ изгледа си има понекој Црна Гуја лидер што на крај ќе ги остави на цедило, па така и Британците.
И кој да ги спаси Англичаните сега од Црната Гуја? Последното што им преостана е да ѝ пишат на кралицата и да се потпрат на нејзината сомилост и разбирање. Тие барем имаат кралица. Да им го спаси кралството и демократијата. Да ги помилува од извршувањето на нивната сопствена демократска, но мошне непромислена волја кога поведени од Фараж-Црна Гуја решиле да се делат од ЕУ! Во овој случај, таа е сепак единствената што може да ги спаси од нив самите кога веќе не умееја со време сами да се спасат од нивната Црна Гуја. Приказната мислам дека е релевантна и за сите во Европа, откако и во неа се појавија и приумножија верзии на разни Црна Гуја лидери, кои јуришаат на целиот досегашен европскиот концепт.
И за крај, има и нешто друго во приказната за брегзитот, а е многу значајно и за нас. Ми личи дека не е фер, откако Британците толку многу ни помогнаа за кандидатскиот статус пред години, сега да дојде некое време во кое ќе се разминеме. Ние на влегување, тие на заминување. Ние на патот до ЕУ со почнати преговори, а тие на излегување од ЕУ или, скраја да е, да не се во ЕУ!? Не можам да ги замислам да мрзнат надвор само затоа што ги фатил некаков Црна Гуја занес, ете тоа ми е сосем неприфатливо. Поприфатливо би ми било макар и со повелба потпишана од кралицата да си останат во ЕУ, посебно откако се виде дека правејќи ја Британија „Great Again“ (а и за тоа нека им прости кралицата и нека е „God bless The Queen“) тие всушност и не знаеле што прават!
(Авторот е новинар за надворешна политика и автор на емисијата „Евромакедонија“)