Од САД финансирале активисти во Европа против ЛГБТ лица, абортус, сексуално образование

88

Истражување на медиумската платформа „Отворена демократија“ обелодени дека христијански фундаменталистички групи поврзани за администрацијата на Доналд Трамп, финансирале политички активисти и групи од екстремна десница во Европа во износ на најмалку педесет милиони долари во последните десет години.

– Фондовите оделе најчесто за проекти поврзани за борбата против правата на ЛГБТ заедниците, против абортусот, против сексуалното образование и за „семејните вредности“, открива истражувањето на „Отворена демократија“.

Активностите на „мрачните“ американски финансиери, како што ги нарекува извештајот, вклучуваат екипи на лобисти испратени во Брисел за да влијаат врз европските политики, но и кампањи за поддршка против правата на ЛГБТ луѓето во Чешка и во Романија, кампањи против абортусот во Италија и во Шпанија, како и отворање судски процеси во европските судови против закони за заштита од дискриминација.

Овие фундаменталистички групи не откриваат кои се нивните донатори, но откриено е дека најмалку две од нив се поврзани со познати милијардери конзервативци – браќата Кох и семејството на министерката за образование на САД, Бети ДеВос.

– Најмногу пари на финансирање ултраконзервативни активности во Европа потрошила група, чиј адвокат е и личниот адвокат на Трамп, Џеј Секулов, како и низа групи поврзани за „Светскиот конгрес на фамилиите“, мрежа на ултраконзервативни активисти поврзани со екстремната десница во земји како Унгарија, Србија и Полска – се истакнува во истражувањето.

Извештајот на „Отворена демократија“ доаѓа во време кога Европската Унија се обидува да спречи штетни влијанија од странски земји врз претстојните избори за Европскиот Парламент. Повеќе европратеници ги поздравија наодите на истражувачката мрежа и ја повикаа Европската Комисија да преземе мерки.

– ЕУ институциите и земјите членки мораат да спречат штетни влијанија, како тие што се идентификувани во ова истражување, врз изборите за ЕП во мај и понатаму – изјави европратеникот од Шкотска, Алин Смит.

Нил Дата, од Европскиот парламентарен форум за население и развој, порача дека „ништо не се прави да се спречат мрачните фондови кои стигаат во Европа за да ги загрозат човековите права“.

– На христијанската десница и требаа триесет години да стигне онаму каде што е сега во Белата Куќа, знаевме дека сличен напор се случува и во Европа, но ова треба да биде аларм за сите дека ова се случува сѐ побрзо и во поголеми размери отколку што многумина експерти можеа да замислат – истакна Дата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...