Врховен го укина домашниот притвор на Мијалков за „Империја“

Укинувањето на домашниот притвор за Мијалков во овој случај, не значи дека тој сега излегува на слобода бидејќи во исто време за него на сила беше и затворски притвор во предметот „Титаник 2“, каде тој доби затворска казна од три години.

1939

Врховниот суд го укина домашниот притвор и за Сашо Мијалков, последниот осомничен во случајот „Империја“ на СЈО за кого оваа мерка сѐ уште беше на сила.

Во почетокот на март на слобода за истиот случај излегоа и бизнисмените Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.

Одлуката за укинување на притворите во „Империја“ следува откако на 30 јануари годинава највисокиот суд донесе начално правно мислење дека Катица Јанева и нејзините обвинители не се овластени тужители за предмети и за истраги отворени по истекот на 18 месеци откако ги презеле „бомбите“, рок кој истече на 30 јуни 2017 година. Во таа група предмети е и „Империја“.

Укинувањето на домашниот притвор за Мијалков во овој случај, не значи дека тој сега излегува на слобода бидејќи во исто време за него на сила беше и затворски притвор во предметот „Титаник 2“, за кој тој доби затворска казна од три години.

Мијалков и неговите адвокати поднесоа жалби и за овој притвор, а вчера Апелацискиот суд во Скопје му го замени затворскиот со домашен притвор. Па, така Мијалков сѐ уште не е на слобода. Меѓутоа, тој ќе излезе и од овој куќен притвор негде на почетокот на мај, бидејќи Апелација вчера одлучи дека оваа мерка важи до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.

Рокот од 60 дена почна да тече на 8 март кога беше изречена пресудата за „Титаник 2“, а ако се има предвид дека во пракса се потребни повеќе месеци за второстепениот суд да се произнесе за пресудите и тие да станат правосилни, тоа значи дека мала е веројатноста до почетокот на мај Апелација да донесе одлука за првостепената пресуда во овој случај на СЈО.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...